Спасовски рече дека МВР целосно го заврши својот дел од работите во врска со убиствата на 14-годишното девојче Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски (74).
„Но и во понатамошниот тек МВР ќе постапува и ќе биде вклучено за сите аспекти, за сите прашања, прибирање на информации, обезбедување на нови докази по барање на јавниот обвинител. Ние поднесовме кривични пријави, таа кривична пријава е на 100-тина страници во кои што се презентирани сите докази кои беа обезбедени до тој момент и се доставени до Јавното обвинителство и, секако, веќе имаме и оценка од јавниот обвинител во однос на прибирањето на доказите, прибирањето на вештачењата итн., дека практично се поклопуваат со тоа што досега е собрано. Важни се две работи: едната работа е што системот многу брзо ефикасно реагираше и дојдовме до разоткривање на случајот. Притоа се откриени сите сторители на ова грозоморно убиство. Второ, важно е што целиот овој процес мора до крај да се разработи, да се заврши и да се утврдат сите аспекти. Ние впрочем, а и јавниот обвинител најави дека е можно да имаме и проширување на истрагата, сѐ со цел да се дојде до конечната вистина во однос на мотивите и сето она што претставува интерес во однос на целиот овој случај. И тоа е најважната работа“, истакна министерот Спасовски.
Љупчо Палевски е во екстрадициски притвор во Турција по основаните сомневања дека е сторител на двојното убиство.
Во однос на шпекулациите околу возилото искажани од страна на некои пратеници од опозициската партија според кои МВР знаело дека возилото е исчезнато уште од 22 ноември, Спасовски со контрааргумент – не може МВР да знае два дена пред воопшто да биде доставена пријава во СВР Велес. А таква пријава била доставена вечерта на 24 ноември. Министерот потенцираше дека сите тврдења во јавноста од страна на луѓе коишто заради политички поени ќе газат и по мртви души се најмалку потребни во овој момент.
„Значи, пријавувањето е на 24-ти, вечерта, и оттука почнуваат потрагите во Велес, а во Скопје започнуваат во моментот кога е пријавен таков настан во Скопје. Не би сакал да навлегуваме во политиканство. Тие теории на заговор се исклучиво за политиканство и за ништо повеќе“, рече министерот Спасовски.
Од аспект на точната траекторија на возилото, министерот Спасовски потенцираше дека доказ и потврда ќе бидат камерите извадени од објекти и од системот „сејф сити“.
„Јас знам дека сензацијата е, исто така, важна во вакви моменти и да – вадење на одредени камери од приватни објекти итн. – сето тоа е во рамките на таа сензација. Меѓутоа, тоа не е потврда и доказ. Доказот и потврдата ќе бидат 70-тината камери коишто се извадени, нивните записи, коишто се вештачат и се доставени и се доставуваат до Јавното обвинителство и над 50 снимки коишто се извадени од ‘Сејф сити’. Сето тоа кога ќе се изанализира, ќе се потврди и ќе се знае во детали секоја поединост во целиот овој случај, сите овие аспекти – времето, траекторијата – ќе се утврдат низ таа легална постапка“, рече министерот Спасовски.