вторник, 25 февруари 2025

Советот за безбедност на ОН ја усвои резолуцијата на САД за војната во Украина, коспонзорирана и од Македонија

Советот за безбедност на Обединетите нации во понеделникот усвои резолуција подготвена од САД по повод третата годишнина од руската инвазија на Украина, која зазема неутрална позиција за конфликтот, бидејќи американскиот претседател Доналд Трамп се обидува да посредува за крај на војната.

Објавено на

часот

Сподели

Советот за безбедност ја усвои резолуцијата на САД со 10 гласа „за“, додека Франција, Велика Британија, Данска, Грција и Словенија беа воздржани. Русија гласаше „за“, откако не успеа да ги измени и да стави вето на европските предлози за додавање наратив што ја поддржува Украина.

Резолуциите на Советот за безбедност се сметаат за обврзувачки за сите држави-членки на ОН, според членот 25 од Повелбата на Обединетите Нации, додека резолуциите на Генералното собрание не се обврзувачки. Сепак, резолуциите на Генералното собрание имаат политичка тежина, одразувајќи го глобалниот поглед на војната.

Претходно, во понеделникот, САД не успеаја да го убедат Генералното собрание да ја усвои истата резолуција од три параграфи, усвоена од Советот за безбедност. Предлог-резолуцијата на САД пред Генералното собрание на ОН, беше коспонзорирана и од Македонија.

Кратката резолуција ја одразува промената на американската политика за Украина од страна на Трамп по преземањето на функцијата минатиот месец и неговиот попомирувачки став кон Русија. Спротивно на тоа, администрацијата на поранешниот претседател Џо Бајден ги предводеше напорите во Обединетите нации за поддршка на Украина во текот на војната.

Амбасадорот на Русија во ОН, Василиј Небензија, ги призна „конструктивните промени“ во позицијата на САД за конфликтот. Тој му рече на Советот дека резолуцијата не е „идеална“, туку „појдовна точка за идните напори за мирно решавање“.

Петнаесетчлениот Совет за безбедност на ОН беше во ќорсокак за време на војната и не можеше да преземе каква било акција, бидејќи Русија има право на вето.

Но, 193-членото Генерално собрание постојано го поддржуваше суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и повика на праведен, траен и сеопфатен мир во согласност со Повелбата на ОН.

Во резолуцијата се изразува жалење за загубата на животи во „руско-украинскиот конфликт“ и се повторува дека целта на ОН е одржување на меѓународниот мир и безбедност и мирно решавање на споровите и повикува на брз крај на конфликтот и траен мир.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ