петок, 18 октомври 2024

Состојбите во судството да ги решат министерот за правда и Собранието, вели премиерот, ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност од Владата

Објавено на

часот

Сподели

На новинарско прашање во врска со вчерашната изјавата на министерот за правда, Кренар Лога, кој рече дека едно од можните решенија, за кои разговарал и со политичките партии и со власта е со законски преодни одредби да има престанок на мандатот на сегашниот состав на Судскиот совет, Ковачевски рече дека за ова прашање немаат разговарано во детали.

Ние во детали немаме разговарано со министерот Лога, тоа е во неговиот ресор. Меѓутоа, неговиот ресор е концепциски, бидејќи, на крајот, Собранието на државата ја носи одлуката во однос на законските одредби во судството и на телата кои што ги избира, бидејќи владата не избира Судски совет, избира Собранието, изјави денеска Ковачевски.  

Тој смета дека треба да се направи ремонт на одредени институции, процеси и закони во делот на правосудството, бидејќи сите анализи и изјави на дипломатите го покажувале тоа.

Според премиерот, во правосудството, како и во секоја друга организација, има личности кои што се врвни професионалци и има луѓе кои што се во градење на својата кариера и можат да го унапредат своето работење преку обуки, но, има и поединци кои што немаат перформанси.

Има сигурно и поединци како во секој систем кои што немаат перформанси на ниво на кое што треба да имаат и затоа треба да има систем во правосудството кој што ќе може да ја дијагностицира точно одговорноста, бидејќи таа секогаш има име и презиме. Не можете вие да велите дека не е добро сѐ комплет, треба да извадат систем во кој што ќе може точно да се каже што е добро да се пофали, што може да се направи за да се унапреди, а што е она што навистина не чини, да може да се отфрли, рече премиерот.

Во меѓувреме денеска пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска на прес-конференција во Собранието побара на следната пленарна седница да се отвори точката, која нејзината партија ја поднела уште минатиот месец, а се однесува на состојбата во Судскиот совет. 

ВМРО-ДПМНЕ со години алармира за партизацијата која ја врши власта на СДС и ДУИ во правосудството. Метастазирани се Судскиот совет, судовите, обвинителствата. Посочивме дека ставање на партиски активисти и функционери на чело на Судскиот совет е пракса која ќе ѝ се удри од глава на владата. Бевме игнорирани, затоа што очигледно планот им бил целосно да го партизираат правосудниот апарат. Сега, откако и нашите меѓународни партнери алармираа за состојбите во судството, власта не знае како да излезе од ситуацијата во која самата влезе. Одговорност за ова мора да има. Затоа, најпрвин бараме ставање на точката за Информација за состојбата во Судскиот совет на дневен ред, уште на првата наредна седница, оставка од Судскиот совет во целост, а потоа и одговорност од Владата. Ова се вистинските проблеми кои ја мачат државата. Одговорност мора да има. Партизацијата и примитивизмот на СДС и ДУИ мора да запрат, изјави Стојаноска.

Според пратеничката партизираноста се гледа и во Јавното обвинителство (ЈО), каде, како што рече „шеф за гонење на организиран криминал е Ислам Абази, човек кој целата јавност можеше да види дека бил во често друштво со луѓе од врвот на ДУИ, иако пред да излезат фотографиите истите тврдеа дека не го познаваат“.

Судските решенија на оваа власт се и Кацарска, која како награда за нејзиното подаништво доби место во Уставен суд, Јовевски и низа други извршители, кои куцаа обвиненија и штанцаа пресуди, како да се пресликани од соопштенијата на СДС. За нефункционалноста на судството алармираа и меѓународните партнери. Но, пред сѐ, треба да се каже дека за истата има само еден виновник, и тој има име и презиме, СДС и ДУИ, изјави Стојаноска.

А министерот за правда Кренар Лога, пак, вчера во врска со можноста што ја најави рече дека повеќе информации ќе добијат следните денови, откако ќе разговараат и со опозицијата во Собранието. 

Ако има вакви законски измени, тоа ќе биде со консензус во Собранието со сите политички партии. Затоа, ова е една од опциите кои што може ние да ги имаме како решение, појасни Лога, кој, пак во врска со резултатите од анкетата на ОБСЕ за негативните оценки за судскиот систем посочи дека при крај е Стратегијата за 2023-2027 година, во чија работна група се дел од институциите, истакнати професори, академци кои ќе дадат свои предлози за  справување со состојбата.  

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ