Од СОС Детско село велат дека во Македонија сѐ уште недостасуваат достапни сервиси за поддршка на жртвите и воопшто на лицата со попреченост, но и кадар којшто на пристапен и достапен начин би дале одговор во превенцијата поддршката, рехабилитацијата, но и реинтеграцијата на лицата со и без попреченост кои се жртви од семејно насилство. Она што е многу важно е дека сите заеднички треба максимално да се залагаме да го зголемиме бројот на специјализираните згрижувачки семејства кои ќе бидат обучени да прифатат дете со попреченост- жртва на насилство“, рече Велковски.
Претставничката на министерството за локална самоуправа, Митровска ја потенцираше потребата од регионален одговор во обезбедувањето на социјални услуги во постоечките осум плански региони.
Во рамки на проектот “Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој – фаза 2“ се организирани активности за идентификување и испорачување на регионални социјални услуги.
Претставничката на министерството за правда, Кичеец се осврна на потребата од проширување на опсегот на бесплатната правна помош и поддршка на згрижувачките семејства, обезбедување на пристапен и достапен кривично правен процес за заедницата со и без попреченост, како и едукација и соработка со обвинителите и адвокатите во поглед на заштитата на девојчињата жртви со и без попреченост.
Националната директорка Јулијана Накова Гапо, ја истакна улогата на СОС Детско Село во поглед на згрижувачките семејства како директни даватели на услуги кои се едуцираат низ специјализирани обуки и ја добиваат потребната стручна помош од Центарот за поддршка на згрижувачки семејства со цел сеопфатно да одговорат на потребите на децата без родители и родителска грижа.
Во Македонија постојат 368 згрижувачки семејства, наспроти потребата да постојат 500. Имаме недостаток од специјализирани и интервентни згрижувачи кои ќе одговорат на потребите на децата со попреченост, деца жртви на семејно насилство, трговија со луѓе и деца во ризик. Апелираме државата да ја препознае потребата од уредување на статусот на згрижувачите преку нивна професионализација со што ќе можеме поактивно да работиме на промоција и регрутирање на нови потребни згрижувачки семејства.
Директорката на Приватната установа за вон-семејна заштита Наде Качакова потсети на потребата за интерсекциски пристап во справувањето на насилството врз жените и девојчињата како несразмерно погодени од овој штетен феномен и мултисекторската соработка и одговорност на институциите во давањето на одговор на насилството.