среда, 25 декември 2024

Соработниците на рускиот опозиционер Навални велат дека шест дена немаат вести за него

Соработниците на затворениот руски опозициски лидер Алексеј Навални денеска соопштија дека ниту тие ниту неговите адвокати немаат вести за него веќе шест дена. Навални, кој отслужува 19-годишна затворска казна за екстремизам, денеска требаше да се појави на суд преку видео врска, но не се појави, изјави неговата портпаролка Кира Јармиш.

Објавено на

часот

Сподели

Таа додаде дека затворските службеници рекле дека имаат проблеми со струјата. Адвокатите, исто така, немале пристап до Навални во последните денови, рече таа.

„Веќе шести ден по ред не знаеме каде е Алексеј и што се случува со него“, напиша Јармиш на Икс (Твитер).

Навални (47) е зад решетки од јануари 2021 година. Како жесток противник на рускиот претседател Владимир Путин, тој водеше кампања против корупцијата и организираше големи протести против Кремљ. Неговото апсење уследи по неговото враќање во Москва од Германија, каде што се опоравуваше од труење со нервен агенс, за што го обвини Кремљ.

Оттогаш Навални доби три затворски казни и помина месеци во самица во казнената колонија во Владимирската област, источно од Москва, за наводни помали прекршоци. Тој ги отфрли сите обвиненија против него како политички мотивирани.

Минатата недела Кира Јармиш рече дека адвокатите на Навални поминале многу часови во казнената колонија три дена по ред чекајќи дозвола да го посетат, но во последен момент биле одбиени. Писма до Навални не се дозволени, а тој не се појави на закажаните судски рочишта преку видео врска.

Јармиш во петокот рече дека развојот на настаните е загрижувачки со оглед на тоа што Навални неодамна се разболе.

„Чувствуваше вртоглавица и лежеше на под. Не знаеме што ја предизвикало, но со оглед на тоа дека е лишен од храна, држен во ќелија без вентилација и понудено му е минимално време на отворено, изгледаше како да се онесвестил од глад“, изјави портпаролката.

Таа додаде дека адвокатите го посетиле потоа и дека изгледал „повеќе или помалку добро“.

„Навални треба да биде префрлен во казнена колонија со посебно обезбедување“, институцијата со највисоко ниво на безбедност во рускиот затворски систем.

Трансферите во руските затвори се познати по тоа што траат долго време, понекогаш со недели, за време на кои нема пристап до затворениците и информациите за нив се ограничени или недостапни.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ