Јанис Бутарис, градоначалникот на Солун, во интервју за Екатимерини вели дека преку Туркиш ерлајнс градот сака да влезе во кинеската туристичка понуда.
„Кинеските тур-оператори се заинтересирани за Солун. Замислете колку би било добро за градот ако влезе во кинеските туристички пакети“.
Кревањето на туризмот е основата на политиката на Бутарис да донесе пари во градот на чие чело застана пред една година.
„Солун е клаустрофобичен град, конзервативен и интровертен. И има колеблива врска со Турците, Евреите и Словените, иако гостите од Поранешната Југословенска Република Македонија ни се меѓу најдобрите клиенти“.
Кампањата на Бутарис за промовирање на Солун како туристичка дестинација се проширува кон Турција и Израел. Градоначалникот планира да се поврзе со албански Драч, со Ниш и Белград во Србија и да ги зацврсти врските со Скопје. Тој вели дека најголем број од туристите во градот се од ФИРОМ и дека планира средби во Скопје за зацврстување на врските помеѓу градовите.
„Целта е да се донесат пари во градот, бидејќи само парите се важни“, вели во интервјуто Бутарис.