Како што пренесува НЛ тајмс, од глобален аспект тоа е голема предност во однос на заштитата на животната средина, но истовремено значи и поголема емисија на јаглерод диоксид во Холандија.
Тие емисии, според студијата на АБН амро, би можеле да се преполоват доколку се отстрани пластиката од италијанскиот отпад.
Отпадот од депониите околу Рим сега ќе се користи како суровина за производство на енергија за компаниите и домаќинствата од Амстердам, а воз со 900 тони отпад од домаќинството ќе патува од Рим до горилниците на AEБ секоја недела, пишува холандскиот портал.
Како што е наведено, одлагањето на отпадот произведува големи количества метан, додека со согорувањето се ослободува јаглерод диоксид, кој е помалку штетен од емисиите на гасови со ефект на стакленичка градина од депониите.
Сепак, според студијата, само Италијанците ќе имаат еколошка придобивка, бидејќи тие се ослободуваат од отпадот што произведува метан, додека согорувањето во Амстердам ќе предизвика емисии на јаглерод диоксид и азот.
„Фокусирани сме на еколошките придобивки на меѓународно ниво“, вели портпаролот на АЕБ, истакнувајќи дека компанијата останува во рамките на предвидените стандарди за емисија на јаглерод диоксид и дека отпадот ќе се користи за производство на електрична енергија.
Според студијата на АБН амро, емисиите на ЦО2 од согорувањето на италијанскиот отпад би можеле да бидат повеќе од преполовени доколку пластичниот отпад се филтрира.
Италијанскиот отпад содржи просечно 13 отсто пластика. Таа е одговорна за повеќе од половина од емисиите на ЦО2 за време на согорувањето на отпадот, рече аналитичарот на АБН амро Дејвид Болшер, додавајќи дека во Италија нема капацитет за сепарација на пластичниот отпад.
Како што наведе тој, ваква фабрика лесно се поставува, но проблемот е што рециклирањето на пластиката не е исплатливо, бидејќи таа е многу поскапа од новопроизведената пластика.
Значи, без субвенции или законска обврска за користење рециклирана пластика, малку е веројатно дека ќе се покрене повторната употреба, рече Болшер.