Претседателот на Собранието Талат Џафери на брифинг со новинари најави дека е можен договор на оваа координативна средба, но прашање е дали со него ќе се согласат и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, чиј координатор Никола Мицевски не присуствува на средбите.
Премиерот Димитар Ковачевски минатата недела изјави дека прифатил Договорот да биде презентиран од владини претставници пред пратеници со безбедносен сертификат и дека согласноста е испратена во Собранието.
Пратеникот Антонио Милошоски во име на неколкумина пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ со безбедносни сертификати изјави дека тие по Устав и по закон имаат право на пристап до секој документ со назнака „државна тајна“.
„Според Уставот и според Законот за класифицирани информации пратениците кои што поседуваат безбедносен сертификат имаат право на пристап до секој документ ‘државна тајна’, а не некои владини министри да ги прераскажуваат тие документи во Собранието. Пристап е да го имате документот и договорот во раце, да го анализирате и да знаете кои се добри, а кои се лоши клаузули за буџетот“, рече Милошоски во изјава за медиумите.
Инаку, првата нова седница на Собранието е закажана на 10 мај.