среда, 12 март 2025

Собранието ги изгласа интерпелациите за петмината членови на Судскиот совет

Собранието на денешната седница со 73 гласа изгласа недоверба на членката на Судскиот совет, Тања Чачарова Илиевска. Со 75 гласа пак, Собранието изгласа недоверба и на членот на Судскиот совет, Миљазим Мустафа. Со ова заврши денешната собраниска седница на која претходно им беше изгласана недоверба и на Павлина Црвенковска, Селим Адеми и Весна Дамева. Изгласувањето на интерпелациите не значи и оставки за овие пет члена на Судскиот совет.

Објавено на

часот

Сподели

Собранието констатира дека Чачарова Илиевска и Миљазим Мустафа имале значителен придонес во загрозување на независноста, професионалноста и угледот на судството и судиите и придонеле за падот на довербата на граѓаните кон судството. Воедно, се наведува дека овие членови ја занемариле и не ја извршувале својата функција во работата на Советот, а поради изгласаната недоверба, тие го губат легитимитетот да учествуваат и да одлучуваат во работата на Судски совет.

Според пратеникот Бобан Карапејовски, самиот состав на Судскиот совет е „изваден од партиските штабови“.

„Кога ја избирале Тања Чачарова Илиевска, предлогот е потпишан од претседателот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, тогаш, Костадин Костадинов, омилениот градоначалник на семејството Заеви. Познатата правничка била адвокат, потоа била посебен советник за правда во канцеларијата на претседателот на Владата. Толку за неполитизираноста на Судскиот совет“, рече Карапејовски.

И пратеникот Љупчо Пренџов рече дека Чачарова Илиевска не само што била адвокат, туку и донирала пари за СДСМ.

„Право и правда не донесоа, туку биле најобични партиски војници и лични адвокати и правни советници на Зоран Заев“, рече Пренџов.

Според пратеникот Халил Снопче, овие членови на Судскиот совет не ги исполниле условите да бидат во служба на правото и на државните интереси, туку се воделе од политички интерес.

„Нивната дејност била политичка и како последица, немале успех во нивната работа, како членови на Судскиот совет. Овие членови изгледа дека како приоритетот на нивното дејствување не го ставиле државниот интерес и интересот на граѓаните, туку на оние од кои биле избрани. Тие не ја поддржувале правдата, туку работеле според политичките интереси. Ние како пратеници мора да дејствуваме. Зголемување на довербата во судството не може да се случи со истите судии и обвинители“, рече Снопче.

Тања Чачарова Илиевска и Миљазим Мустафа не беа присутни на денешната собраниска седница.

На денешната расправа за интерпелациите на петте члена на Судскиот совет не присуствуваа пратениците од СДСМ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ