Претседателот Стево Пендаровски, на настанот што се одржа во Националната опера и балет, истакна дека нема подобар начин да се одбележи овој голем јубилеј од заедничкото прославување на Света Луција.
„Изминативе 30 години секоја од вашите држави засебно но и нордиските регион како целина, служеа како позитивен пример не само за нас, туку и за југоисточна Европа. Наспроти хроничните балкански расправии и блокади вие во континуитет ја нудите нордиската парадигма на интеграција и кооперација. Вашата поддршка за нашите ЕУ аспирации не е само декларативна, туку и практична, бидејќи инвестирате директно во владеењето на правото и социјалната еднаквост“, рече шефот на македонсата држава.
Пендаровски дополни дека го славиме овој празник на светлината во, како што рече, „екстремно темни времиња“.
Традиционалниот шведски празник Света Луција во Шведска се одбележува во знакот на светлината во темните и долги зимски ноќи. Амбасадата на Шведска во нашата земја, поддржана од Амбасадите на Данска, Финска и Норвешка, вечерва во Националната опера и балет во Скопје со концерт на празнични песни го прослави овој празник, а воедно и го одбележа јубилејот од 30 години дипломатски односи на нордиските земји со Северна Македонија.