Против него е покрената постапка за тешки дела против општата сигурност, за кои е предвидена казна според член 292 од Кривичниот законик.
Според обвинителството, на 25 ноември осомничениот со умисла предизвикал пожар од поголем обем, загрозувајќи животи, тела и имот од поголеми размери.
„Една недела претходно осомничениот набавил секира со гумирана рачка, плинска запалка, заштитни ракавици и 48 коцки за потпалување со керозин. На критичното утро, со сопственото возило дошол во близина на зградата каде се сместени просториите на Адвокатската комора, маскиран со фантомка и со секирата ја скршил влезната врата. Коцките керозин ги наредил на скалите, а врз нив ставил повеќе плински боци и со употреба на плинската запалка ги потпалил. Со тоа предизвикал пожар од поголем обем во станбената зграда. Причинетата штета се проценува на околу 9.255.000 денари. Само 30-тина минути по настанот осомничениот веднаш со сопственото возило, преку граничниот премин Блаце ја напуштил државата“, велат од Обвинителството.
Фактот што тој се крие и е недостапен за органите на прогонот, можноста да го повтори делото или да ја попречи постапката со влијание на сведоците се основи поради кои јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд во Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
Мерката ќе започне да се применува од неговото пронаоѓање и лишување од слобода, а во меѓувреме по него ќе биде распишана потерница.