Државата ќе добие информација од кои сектори се финансирани проекти, но ризикот ќе биде кај банките кои сами ќе одлучат кои проекти ќе ги финансираат.
„Државата може да добие само информација која компанија од која индустрија добила со цел да направиме анализа од кои сектори во иднина може да очекуваме дека ќе дадат позитивни резултати на целокупната економија.Ризикот е кај банките, тие одлучуваат на кого ќе дадат кредит и дали тие компании имаат издржани планови, државата не презема ризик. Во тој дел државата не може, ниту има право да се меша“, изјави Димитриеска-Кочоска.
Во вторникот на владина седница беа одобрени 250-те милиони евра наменети за компаниите. Парите ќе се земаат од комерцијалните банки со рок на отплата до 15 години од потпишувањето на договорот и грејс период од три години. Каматната стапка е 1,95 проценти, без дополнителни надоместоци. Максималниот износ за кој може да се аплицира е до 10 милиони евра, а во целиот проект вклучени се сите 13 банки.
Средствата наменети за компаниите се дел од унгарската кредитна линија што Владата ја зема од Унгарија за што договорот беше потпишан на 8 октомври во Будимпешта.