вторник, 4 февруари 2025

Со измените на Законот за електронски комуникации ќе се забранат нелегалните онлајн-игри на среќа

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, изјави дека во измените на Законот за електронски комуникации кои се влезени во собраниска процедура, предвидено е да се забранат нелегалните онлајн-игри на среќа.

Објавено на

часот

Сподели

„Во Законот за електронски комуникации предвидуваме една измена каде што со закон ги забрануваме нелегалните онлајн-игри на среќа, или онлајн- коцкарници. Во Македонија лиценци за приредување онлјан-игри на среќа нема ниту една приватна институција, а граѓаните знаат дека бројни такви се присутни. Детектирани се околу 160 провајдери кои што се присутни на македонскиот пазар, а немаат лиценца за организирање на онлајн-игри на среќа“, изјави Андоновски во гостувањето во „Студио 10” на Телевизија 24.

Тој подвлече дека Министерството за дигитална трансформација работело на законските измени координирано со останатите институции коишто се засегнати во оваа област, за да се избегне да си упаднат во надлежностите една на друга.

„Ги известивме глобалните приредувачи на игри на среќа коишто не добиле и не аплицирале никогаш за лиценца во Македонија, дека се во спротивност со законот и паралелно на тоа работевме на измени на законот. Гледавме да не упаднеме во надлежностите на Министерството за финансии, УЈП и Државната лотарија и заедно со нив стигнавме до законско решение кое што помина на Влада, а по седум дена е влезено во собраниска процедура и очекувам да помине на Комисијата за дигитална трансформација“, вели Андоновски.

Според него, ова е еден од начините да се спречи младите да имаат пристап до нелегалните онлјан-игри на среќа и да споделуваат податоци коишто лесно можат да бидат злоупотребени. Андоносвки очекува предлог-измените на законот да бидат прифатени од сите политички партии во парламентот.

„Станува збор за измени на закон којшто не е од политичка природа и се надевам дека сите пратеници од која било политичка партија ќе ги поддржат, бидејќи навистина е начин како да спречиме нашите млади тинејџери да играат онлајн-игри на среќа и да споделуваат лични информации онлајн коишто не знаеме каде одат“, порача министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ