Цената од 12 милиони евра за километар од договорот со „Бехтел и Енка“ се изведува од основната цена од 1,3 милијарди евра. Тука не се пресметани веќе договорените 300 милиони евра за експропријација. Според брифингот на ВМРО-ДПМНЕ, кои од свиркачи го добиле договорот со американско-турскиот конзорциум, во оваа цена од 1,3 милијарди евра не биле вкалкулирани трошоците за релокација на постоечки објекти на трасите, за системот за телекомуникации, за звучни бариери, за системот на контрола на сообраќајот, за изградба на патарини, за електрификација и осветлување на патот и на тунелите, за вентилација на тунелите, за противпожарна заштита… За сите овие ставки цената допрва ќе треба да биде дефинирана, во договорот напишана како ТБД, „ќе биде дефинирано“ (to be defined).
Во просекот од 12 милиони евра по километар не влегуваат и пеналите што македонската влада ќе треба да ги плаќа ако не исполни одредени услови во одреден рок, како на пример озаконувањето на 60-часовна работна недела, за што рокот е веќе поминат на 22 април, а обврската за пенали веќе тече.
На потпишувањето на договорот со „Бехтел и Енка“ на 8 март, надлежните информираа дека од четирите делници што ќе ги гради конзорциумот најскапа и најкомплицирана ќе биде делницата Гостивар – Букојчани, за чие проектирање и изградба ќе се платат 560 милиони евра за 30,3 километри. Тоа би било 18,6 милиони евра по километар. За делницата Требениште – Струга ќе се платат 360 милиони евра за 20,7 километри. За Прилеп – Битола ќе се потрошат 260 милиони евра за 39,4 километри, додека најлесна ќе биде изградбата Тетово – Гостивар, каде што ќе се искористи постоечката траса и ќе се платат 125 милиони евра за 17,5 километри.
Во следнава табела се просечните цени за километар автопат во земји од регионот и пошироко изграедени во последниве 10 години:
Австрија 12,9 милиони евра за 1 километар;
Косово 11,5 милиони евра за 1 км;
Унгарија 11,2 милиони евра за 1 км;
Словачка 9,5 милиони евра за 1 км;
Чешка 8,8 милиони евра за 1 км;
Германија 8,2 милиони евра за 1 км;
Словенија 7,3 милиони евра за 1 км;
Хрватска 6,7 милиони евра за 1 км;
Данска 5,9 милиони евра за 1 км.
Кинеската компанија „Синохидро“ автопатот Штип-Миладиновци го заврши за 4,4 милиони евра за еден километар. Автопатот Кичево-Охрид беше договорен за 6,6 милиони евра за километар. И изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица со грчката компанија „Актор“ заврши со 7,79 милиони евра за еден километар.
На конференцијата за медиуми на 8 март и министерот за трaнспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, тврдеа дека според актуелните цени на материјалите, договорената цена со „Бехтел и Енка“ е многу пониска во однос на тарифите што важеле порано во регионот.
Тогаш, Дарко Спировски, претставникот од консултантот ИРД инженеринг, изјави дека сумата од 1,3 милијарди евра се темели на иницијален дизајн, а допрва треба основниот проект да покаже колкави ќе бидат трошоците, кои може да се зголемат, но и да се намалат.
Актуелен стана и Моравскиот коридор во Србија, чија изведба е во тек, исто така од „Бехтел и Енка“. Иако координаторот на македонскиот проект, Артан Груби, се обиде да ја релативизира работата и изјави дека „Бехтел и Енка“ и во Србија гради без тендер, со директна спогодба, лесно може да се провери дека оваа информација е неточна.
Во Србија имало јавен повик, на кој се пријавил само овој американско-турски конзорциум. Во Србија е објавен договорот со „Бехтел и Енка“, а кај нас тој договор и натаму е деловна тајна. Вредноста на договорот со Србија е 800 милиони долари, за автопат со речиси иста должина како нашиот – 112 километри (во Македонија она што ќе го гради „Бехтел и Енка“ е вкупно 109 километри автопат). Моравскиот коридор вклучува изградба на 88 моста, 29 надвозници, 11 раскрсници, 117 придружни објекти…
А.Д.