Во текот на денот, кога беше објавена веста за смртта на Југ, на социјалната мрежа Фејсбук почна да циркулира апел за со законски средства да му се помогне на Горан Ангелов-Ќосето, за прекин на извршувањето на казната и да биде упатен на лекување за здравствените проблеми што ги има, а за кои Велешкиот суд одбил да биде ослободен.
„Како што во Затворот Прилеп се дознало за смртта на Игор Југ, директорот на затворот го повикал Горан Ангелов- Ќосето, кој беше негов најдобар другар, затворски сомаченик, соборец за Македонија уште од војната 2001 и му дал можност да искористи годишен одмор како би можел да го испрати својот најблизок!!! Ова не е спорно и е за поздравување!!!
Спорно е што Горан, пред кратко време крши три ребра во затворот по што е хоспитализиран на хирургија. Пуштил молба за прекин на извршувањето на казната до одреден судија за извршување санкции до Велешкиот суд како би ја санирал состојбата. Замислете ОДБИЕН Е!!! Со цел памет и на цела мака е ОДБИЕН. По препорака на хирурзи, специјалисти за домашно лекување ОДБИЕН Е!!! “, се наведува во објавата на Фејсбук, посветена на Горан Ангелов-Ќосето.
Во истата објава се наведува дека е испратено официјално барање за прекин на издржувањето на затворската казна на Горан Ангелов додека да се санира повредата, а воедно се апелира дека „сега е на ред управата (Управата за извршување санкции) и нејзиниот директор, Александар Пандов“.
„Како политички ангажирана личност, прашањето за правда и праведно судење на осудените за настаните од 27 април 2017 година го одржувам актуелно во текот на сите години, од денот кога беа покренати обвиненијата. И понатаму ги имам истите ставови во однос на правдата за осудените. По сплет на околностите, и сегашната функција што ја извршувам како директор на Управата за извршување на санкции, веројатно во јавноста е создадена перцепција дека можам директно да влијаам за ослободување на осудените кои издржуваат затворски казни. Сепак, за одлука за прекин на извршување на казните, секако постојат законски ограничувања. Во контекст на ослободување за лекување, прекинот може да се разгледува како опција за акутни болести што мора акутно да се лекуваат, по претходно стручно лекарско мислење. Секој затвореник што добил лекарско мислење за потреба од лекување на некоја акутна состојба, добил и ослободување за акутно лекување. Тоа се однесува не само на осудените за 27 април, туку за секој што издржува затворска казна со акутен здравствен проблем. Но за хронични болести законски не следува прекин на извршувањето на казната. Извршувањето на санкциите мора да се спроведува исклучиво во рамките на законот“, нагласува директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов за Мкд.мк.
Неодамна, од здружението, т.е. проектот Стоп за политичкиот прогон, по повод амнестиите за обвинетите во случајот „Организатори на настаните од 27 април“ го реафирмираа ставот за повторување на судењето за сите што се осудени за тероризам за упадот во Собранието на 27 април 2017 година.
„Уште на самиот почеток на повторувањето на постапката, ние, како проект, ќе ги извадиме на слобода сите браќа кои се во затвор за случајот ‘27 април’, односно да се бранат од слобода и да останат на слобода, потврдено со правосилна судска пресуда. Ова пак е основа за да следат барања за оштета од државата за секој еден од нив, но и за секој еден член од нивните семејства, сите заедно како жртви на политичкиот прогон, како и контролиран процес на нивна ресоцијализација, вработување и сè друго што е потребно. А потоа ќе следат и промени на имиња на два булевари или поголеми улици во Скопје во булевар или улица на уставобранители и булевар на жртвите на политичкиот прогон“, порачаа од проектот Стоп за политичкиот прогон пред две седмици.
Ј.П.