„Драмата ‘Смрт и девојка’ од аргентинскиот писател Ариел Дорфман, е инспирирана од диктаторскиот режим на Пиноче во Чиле, во периодот од 1973 до 1990 година, ќе отвори многу прашања поврзани со правдината, траумата, одмаздата, довербата, поддршката, простувањето, помирувањето и ефикасноста на општествените системи праведно да управуваат со своите тешки, но многу важни прашања. Дејството во драмата се случува по падот на диктатурата во неименувана јужноамериканска земја, што ѝ дава универзалност на темата, при што фокусот е ставен на последиците од политичкото насилство врз поединците, а особено над жените. Една случајна средба ќе иницира конфронтација помеѓу минатото и сегашноста, ќе оживее најдлабоки стравови и гнев, поврзани со едно киднапирање и мачење за време на диктатурата“, информираат од кумановскиот театар.
Драмата остава силен впечаток поради неизвесноста што го принудува гледачот да размислува за моралните дилеми, личната ангажираност и учество во општествените текови, особено ако се неизмерно тешки, но и поради својата актуелност, која за жал, никако не поминува. Претстава е реализирана со средства на институцијата. Драматург е Сашо Костовски, костимограф, Дарко Илиевски, видеодизајн и видеооператор, Мишо Димитријевски, инсталација н Крсто Богојевски и дизајн на плакат е на Игор Спасовски и Мишо Димитријевски.