И така коњот се двоумел, дали да тргне преку улицата или долж од улицата. Разбрал дека Рузвелтова е границата меѓу општините Центар и Карпош. Каде ли е слободно да се јаде трева? Во Карпош не се наплаќа паркирање, на пример. Во Центар се наплаќа, а само дваесетина метри е раздалечината. Море, си рекол, да не се наплаќа и за пасење трева во Центар?
Веројатно одговарајќи си самиот на самопоставеното прашање, коњот си скршна и влезе во Карпош за да ја испроба тревата. Поверојатно е дека тука е бесплатна. Ако е добра тревата, ќе продолжи и до самото Министерството за економија, тоа е во Карпош, на самата граница со Центар. Верува коњот дека тревата таму мора да е поквалитетна. Па ако не е кај власта, каде ќе биде?
И, така бидна. Коњот слободно си отшета и слободно си отпасе. Ова е слободна земја, ова е слободно Скопје. Секој има право да јаде.
Ех, вечно Скопје.
П.Џ.