недела, 29 декември 2024

Словачка потврди дека се согласила да биде домаќин на евентуалните мировни преговори за Украина

Словачка потврди дека се согласила да биде домаќин на евентуалните мировни преговори за Украина, откако рускиот претседател Владимир Путин претходно оцени дека е „прифатливо“ таа да стане „платформа“ за дијалог.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Ако некој сака да води мировни преговори во Словачка, ние ќе бидеме подготвени и ќе ви посакаме добредојде“, рече премиерот Роберт Фицо на Фејсбук.

Словачкото Министерство за надворешни работи посочи дека овој дијалог треба да се одвива „со учество на Русија“, за разлика од самитот што е закажан во Швајцарија за јуни 2025 година.

Рускиот претседател во четвртокот потврди дека Словачка, чија „неутрална позиција“ ја пофали, се понудила да биде еден вид „платформа“ за евентуални преговори.

„Изјавата на рускиот претседател ја сметаме за позитивен сигнал за што поскоро да се стави крај на оваа војна, крвопролевање и уништување“, напиша на Фејсбук словачкиот министер за надворешни работи Јурај Бланар.

Националистичкиот премиер Роберт Фицо, еден од ретките европски лидери кои останаа блиски со Кремљ, се сретна со Владимир Путин во Москва на 22 декември, што ја налути Украина, бидејќи 17 отсто од нејзината територија се наоѓа под руска окупација откако Русија изврши инвазија на земјата во февруари 2022 година.

Според Бланар, во октомври Братислава ги информирала „украинските партнери“ за нејзината достапност за мировни преговори.

Иако Словачка е членка на Европската унија и НАТО, таа се приближи до Русија, поддржувајќи ја позицијата на Унгарија, откако Фицо се врати на власт во есента 2023 година.

Фицо ја прекина сета воена помош за Украина и го обвинува Киев дека го загрозува снабдувањето на неговата земја со руски гас.

Властите во Братислава сакаат да продолжат да купуваат руски гас и тој да им пристигнува преку украинската територија.

Сепак, Украина минатото лето најави дека нема да го продолжи договорот со Русија за транспорт на гас до земјите од Европската унија преку својата територија. Решение за проблемот сè уште не е пронајдено.

Фицо дури ѝ се закани на Украина дека од 1 јануари „ќе ги процени можностите за одмазднички мерки“.

„Ако е потребно, ќе ја прекинеме испораката на електрична енергија што ќе му биде потребна кога ќе ја снема“, додаде Фицо, кој вели дека одбива да му биде „потчинет“ на украинскиот претседател Володимир Зеленски, со кого има затегнати односи.

Братислава тврди дека обезбедила снабдување со гас за 2025 година – што и да се случи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ