„Во 15:10 часот во Скопје, на подрачјето на Ѓорче Петров, полициски службеници го лишиле од слобода Т.Ј., на возраст од 56 години. Тој се сомничи дека, поради нерасчистени должничко – доверителски односи, околу 1:30 часот, со употреба на сила и погоден алат, влегол во домот на М.Б., 51-годишен скопјанец, физички и со тврд предмет го нападнал и со закана го однел во неговиот дом, каде продолжил со заканите“, појаснуваат од МВР.
Подоцна, М.Б. успеал да избега и настанот го пријавил во полициска станица. По целосно документирање на случајот, како што додаваат од МВР, ќе биде поднесена соодветна пријава.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје донел наредба за спроведување истражна постапка против едно лице на возраст од 56 години за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело – грабнување, информираа од Јавното обвинителство.
„На 8 февруари, во населбата Ѓорче Петров, осомничениот извршил грабнување на едно лице со намера со закани по живот да го присили да му го врати долгот – парични средства во износ од 8.000 денари и мобилен телефон вреден 12.000 денари. Околу 1:30 часот по полноќ, додека оштетениот спиел дома, осомничениот со остар железен предмет – сатар започнал да ја крши влезната врата, насилно ја отворил и влегол внатре. Со закани дека ќе го убие, го удрил оштетениот со сатарот по главата, градниот кош и грбот, го присилил да се облече и го одвлекол до својот дом. Таму го заклучил и го држел присилно да не избега, постојано заканувајќи му се дека ќе го убие ако не му го врати долгот. Околу 5:30 часот кога осомничениот заспал, грабнатиот ја искористил приликата, го зел клучот и избегал, по што веднаш го пријавил настанот“, информираа од Јавното обвинителство.
Бидејќи постојат законски основи – опасност од бегство, можност да влијае врз сведоците/жртвата или да го повтори кривичното дело, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.