Навидум обична контрола од страна на Републичкото јавно обвинителство (РЈОМ) на Вишото јавно обвинителство (ВЈО) Скопје го одмота клопчето и ги зајакна сомнежите за партиски и лични пресметки, за обвинителски кланови за кои последно обвини сега суспендираниот шеф на ВЈО Скопје Мустафа Хајруалхи. Откако беше суспендиран, а против него е отворена и истрага за злоупотреба на службената положба и овластување, како и за малтретирање во вршење на службата, Хајрулахи си ја отвори душтата и ги обвини поранешните обвинители на СЈО дека раководат со државниот обвинител Љупчо Коцевски само за да се спасат од истрагата што се води против нив, а се однесува на доделување на бонуси на плата вредни повеќе од четири милиони евра.
„Бонусите на СЈО“ и ВМРО-ДПМНЕ се камен на сопнување
Хајрулахи тврди дека целта на неговата суспензија е да се направи притисок за случајот за „Бонусите на СЈО“, предмет кој обвинителот Јован Цветановски од ВЈО Скопје го врати во Обвинителството за гонење организиран криминал (ОЈО ГОКК) со напатствија како треба да продолжи истрагата. Според тврдењата на Хајрулахи, Коцевски го повикал во канцеларија на 19 декември 2024 година.
„Републичкиот јавен обвинител ме повика кај него во канцеларија и ми рече дека по однос на предметот за бонусите на СЈО треба да донесам одлука со која ќе се потврди првостепеното решение од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и дека не треба да се даде својство на оштетен на подносителот на кривичната пријава, односно на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Хајрулахи на прес конференција во ноември 2024 година.
Тој уште го обвини Коцевски дека неговата ќерка изнесувала податоци од кабинетот на обвинителот.
Дополнително, Хајрулахи го впери прстот во десетина луѓе, главно обвинители од поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), за кои тврди дека го контролираат државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски и ги влечат конците во правосудниот систем во Македонија. Освен Коцевски, Хајруалхи ги споменува обвинителите Гаврил Бубевски, Фатиме Фетаи, Лиле Стефанова, Љубомир Јовевски, Ленче Ристоска, Трајче Пеливанов и други. Хајруалхи тврди дека овие десетина обвинители вршат притисоци и ги контролираат предметите поврзани со корупцијата на претходната власт и го контролираат Републичкиот обвинител, Љупчо Коцевски.
„Одговорно тврдам дека огромното мнозинство обвинители, 99 отсо, чесно и одговорно си ја вршат на работата. Но, една група моќници, која е инсталација на поранешната власт, врши притисок врз сите обвинители, посебно за предметите од интерес на поранешната власт. Таа структура е мафија во јавнообвинителскиот систем“, тврди Хајрулахи.
Обвинителот Јован Цветановски пак, кој го води предметот „Бонусите на СЈО“ и кој беше заменик на Хајрулахи и кој исто така е суспендиран од функцијата, отиде чекор подалеку и го обвини Коцевски дека надзорот што го извршил врз неговата работа е незаконски, а членови на комисијата која го вршела надзорот имале судир на интереси.
„Некои од номинираните членови на работната група имале пречка да вршат надзор над работата на ВЈО Скопје бидејќи имаат конфликт на интереси. Суштествена пречка што овој извештај го прави нерелевантен и тенденциозен е факот дека обвинителката Лиле Стефанова е пријавена и има статус на осомничена во предметот ‘Бонусите на СЈО’. Вториот член е Елвин Вели, кој пред изборот во Републичкото обвинителство беше во ВЈО Скопје како заменик на ова обвинителство и за дел од предметите бил лично запознаен како за нивниот статус така и за моите донесени одлуки, одлучувал по спогодби“, тврди Цветановски.
Инаку Цветановски е обвинителот кој заедно со колегата Артан Ајро дадоа позитивно мислење за укинување на притворот на Беким Незири, човекот кој на почетокот на 2024 година изврши упад во конролата на летање во М-НАВ.
Коцевски пак, тврдеше дека обвинителите Стефанова и Вели не вршеле надзор врз предмети на кои работеле претходно, повикувајќи се на „жими мајка“ разговор со Стефанова, на која Коцевски, според негово кажување ѝ верувал.
Надзор врз работата на обвинителствата се врши два пати годишно. Првиот надзор е извршен дури при крајот на 2024 година токму откако Хајрулахи и Цветановски одбија да го послушаат Коцевски.
ВМРО-ДПМНЕ се замеша во расчистувањето на обвинителските неприлики
Расколот во Јавното обвинителство ѝ дојде како „кец на десетка“ на владеачката ВМРО-ДПМНЕ. Под превезот на реформи во правосудството партијата директно се замеша во решавањето на обвинителските неприлики и тргна во жестока кампања против државниот обвинител Љупчо Коцевски. Без да прецизира кои се неговите „гревови“, премиерот Христијан Мицкоски преку Владата покрена постапка за негово разрешување.
„Целокупната јавност во изминатиов период беше сведок на низа скандали, нарушена функционалност на Јавното обвинителство, незаконски постапувања и корупција, неефикасност и повреда на принципите и самостојноста во вршењето на функциите на обвинителите. Ваквите состојби се комплетно спротивни на обврските кои произлегуваат од законските надлежности. Овде не станува збор само за перцепција на Владата, ова е констатирано од стручна јавност, констатирано е во извештаи кои имаат конкретни, мерливи и објективни показатели“, образложи на прес конференција портпаролката на Владата, Марија Митева.
Без да посочи конкретна дисциплинска грешка, Митева рече дека „овие дејствија со кои се предизвикани тешки последици по функционирањето на Јавното обвинителство, со што е направено намерно и неоправдана крупна професионална грешка“ се правните аргументи со кои Владата бара разрешување на јавниот обвинител пред истекот на мандатот.
Министерот за правда Игор Филков во интервју за МКД.мк осврнувајќи се на предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски изјави дека негова оставка би била логичен и неопходен чекор за зачувување на интегритетот на правосудниот систем доколку е нарушена довербата или ако има доволно аргументирани причини за неговата одговорност.
„Во однос на државниот јавен обвинител, неговата одговорност е клучна за правилното функционирање на правосудниот систем и довербата на граѓаните во институциите. Секое мислење од Советот на јавни обвинители е битно за оваа постапка , но важно е да се напомене дека Министерството за правда и Владата нема да се водат исклучиво од мислењата на еден орган, ако тоа значи дека се поддржуваат лица кои не го исполнуваат својот мандат на соодветен и професионален начин. Ако Советот на јавни обвинители даде негативно мислење за предлогот за разрешување на обвинителот Коцевски, тоа нема да значи дека постапката е завршена. Министерството за правда и Владата имаат обврска да ги преземат сите законски мерки и да го почитуваат процесот предвиден во Законот за јавното обвинителство , вклучително и можноста за покренување на постапка пред Собранието на Република Северна Македонија”, посочи министерот Филков.
Ова не е прв пат ВМРО-ДПМНЕ да бара смена на јавен обвинител. Во 2019 година партијата од позиција на опозиција побара смена на тогашната шефица на обвинителството за гонење организиран криминал (ОЈО ГОКК), а на нејзино место да биде поставен угледен професор правник.
„Истото обвинителство, со нов обвинител за организиран криминал и корупција кој може да е и професор“, беше предлогот на ВМРО-ДПМНЕ до тогашната Влада на Зоран Заев за измени на Законот за Јавно обвинителство.
Суспензијата на „непослушните“ ништо ново во Обвинителството
Но, на ВМРО-ДПМНЕ не ѝ требаше многу напор, зошто наместо партијата, одговорност за Русковска покрена поранешниот државен обвинител, Љубомир Јовески. Иако навидум супсензијата на обвинителите Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски во јавноста беше претставано како скандал сепак суспензијата на „непослушните“ не е ништо ново во Обвинителството. Во 2022 година беше супсендирана тогашната шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Вилма Русковска против која, заедно со обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска беше покрената дисциплинска постапка за претресот што го направија во Управата за финансиска полиција. Тие се сомничеа дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка со што сториле тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеа 6 од Законот за јавното обвинителство.
Во јули 2022 година додека Русковска беше на годишен одмор, по нејзина наредба во Финансиската полиција и кај тогашниот директор Арафат Муареми влегоа да вршат претрес истражители, водени од Трајчева и Јосифовска. Запленија компјутер, ги побараа сите анонимни пријави кои стигнале до полицијата. Русковска се сомневаше во трицифрената бројка анонимни пријави за финансов криминал, а се сомневаше и дека оваа институција не постапува по нив.
Тогаш Муареми поднесе и кривична пријава до Скопското обвинителство.
Како што кажа тогаш Јовески, тој тогаш утврдил прекршување на постапката при претресот, по повеќе основи. Исто како и Коцевски ниту Јовески не прецизираше што точно згрешила Русковска раководејќи го ОЈО ГОКК.
Русковска, пак, исто како Хајрулахи и Цветановски тврдеше дека врз неа се врши политички притисок. Како што кажа тогаш Русковска предлогот за нејзино разрешување е резултат на истрагата што таа како шефица на ОЈО ГОКК ја отворила за Драги Рашковски кој беше генерален секретар во Владата на Зоран Заев. Имала притисок и закани да се откаже од шефовското место, а за возврат ѝ било понудено да стане заменик републички јавен обвинител. На прашањето кој ѝ го понудил тоа, Русковска никогаш не одговори. Овие понуди биле поврзани и со предистрагата за тогашниот директор на Финансиската полиција, Арафат Муареми.
И Русковска тогаш, како и сега суспендираните обвинители Хајрулахи и Цветановски праша зошто Државното обвинителство четири години претходно не извршило надзор врз работата на ОЈО ОКК туку токму во времето кога Русковска реши да ја испита работата на Финансиската полиција.
„Ова е суспензија на правото и правдата. По ова тешко дека некој обвинител сериозно ќе продолжи да постапува по предметите. Апсолутно ова не е притисок од сегашната влада, но ние сме имале и многу влади претходно. Како обвинител не сакам да верувам дека некој политичар или политика стои зад сето ова“, изјави Русковска во 2022 година кога СДСМ беше на власт, но без да прецизира од која влада доаѓа притисокот.
Единствената разлика во овие речиси два идентични случаи е тоа што Коцевски не кажува зошто надзорот на работата на ВЈО Скопје е извршен токму по одлуката да продолжи истрагата за бонусите на СЈО, а Јовески призна дека надзор врз работата на обвинителствата не е направен долго време, но се правдаше со пандемијата со ковид 19.
„Скандалот“ со Крстевска Цалева не е едниствениот
Назначувањето на Наташа Крстевска Цалева за в.д. шеф на Вишто јавно обвинителство Скопје додека трае суспензијата на Хајрулахи и Јовановски во јавноста беше дочекано на нож дека е незаконско, но тоа не е ништо ново. Претходно за в.д. обвинител беше назначен Трајче Пеливанов, обвинител во поранешното СЈО, а по суспензијата на Вилма Русковска. В.д. шеф на државното обвинителство беше назначен и по истекот на мандатот на Љубомир Јовески. До изборот на Љупчо Коцевски, функцијата државен обвинител ја извршуваше Соња Симовска.
Крстевска Цалева беше назначена за шефица на Вишото јавно обвинителство Скопје додека трае суспензијата на вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи кој не можеше да му ја предаде функцијата на својот заменик Јован Цветаноски кој исто така е суспендиран. Крстевска Цалева беше предлог на државниот обвинител Коцевски.
Сепак, Крстевска Цалева не го издржа притисокот и побара да биде разрешена од функцијата. Но Советот на јавни обвинители реши брем засега да не го разгледува нејзиното барање затоа што на последната седница, Советот не бил во полн состав.
И Вилма Русковска по нејзината суспензија доби свој в.д. заменик. До изборот на Исмаил Абази за нов шеф на ОЈО ГОКК, ова обвинителство го водеше Трајче Пеливанов, поранешен обвинител на СЈО затоа што и за заменичката на Русковска, Ивана Трајчева беше покрената дисциплинска постапка. Исто како и Крстевска Цалева така и Пеливанов беше предложен од тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески.
„Во рамките на духот на законот, сметам дека нема да згрешиме ако одиме со в.д..Можеби диспозитивот треба да стои додека трае оддалечувањето на јавниот обвинител. Сметам дека нема да прекршиме права на никој што е засегнат, ниту отстранетиот јавен обвинител, ниту на првиот заменик, ниту некој трет. Тоа Обвинителство мора да има стабилно раководење, особено во овој период“, изјави тогаш Јовески.
Но и тој по истекот на неговиот мандат, а пред изборот на Љупчо Коцевски доби своја в.д. заменичка. Тоа беше обвинителката Соња Симовска назначена кон крајот на 2023 година. Симовска е обвинителката која беше дел од стручниот колегиум од обвинители којшто го состави Јовески која како и другите обвинители, ценела дека не мора да се бараат причините за пожарот, туку гласала да се гонат болницата, докторот и директорот за пожарот во тетовската модуларна болница. Но за ова гласале и обвинителите Ислам Абази, тогаш обвинител во Вишото обвинителство Гостивар кој веднаш потоа беше избран за шеф на ОЈО ГОКК, но и сега суспендираниот обвинител Мустафа Хајрулаху. Симовска беше предложена од претседателката на Советот на јавни обвинители Душица Димитриеска.
Она што е заедничко за сите овие случаи е што биле единствени кандидати за вршител на должноста во соодветното обвинителство.
Ова се случувања во македонското обвинителство. Не е прераскажување на некое риалити шоу.
Искра Опетческа