Во неделата набљудувачи на Арапската лига имаа состанок со гувернерот на Дамаск, Хусеин Маклуф, и посетија локална болница за да се запознаат со роднините на жртвите од неодамнешните насилства. Како што државата сè повеќе тоне кон граѓанска војна, секој месец стотици луѓе од двете страни го губат животот – без разлика дали се опозиција, приврзаници на режимот, цивили, војници или деца. Во петокот, уште еден самоубиствен бомбашки напад во Дамаск беше уште еден непобитен доказ дека конфликтот ескалира. Нападот се случи во центарот на Дамаск, во маалото Ал-Мидан, убивајќи 26 и ранувајќи десетици. И сето ова продолжи да се случува и покрај тоа што набљудувачите на Арапската лига беа на теренот. „Се обративме во Лигата и им побаравме помош“, вели една локална жена. „Но тие не сакаа да нè слушаат и не реагираа на нашите жалби“. Точно кој е виновен за она што се случува во земјата во моментов останува далеку од јасно. Во обид да се фрли светлина на состојбата, луѓето продолжуваат да си го ризикуваат животот изнесувајќи информации од државата. Џин Шарп, водечки експерт за ненасилните револуции, активностите на луѓето во Сирија ги нарекува „прилично воодушевувачки“. „Иако толку многу луѓе се убиени, тие упорно излегуваат на улиците“, вели Шарп, истражувачот во институтот Алберт Ајнштајн во Бостон. „Кога населението ќе престане да се плаши, тоа е големо постигнување кон целосниот успех“. Но самата опозиција станува сè повеќе разделена, со сè повеќе воени дезертери во своите редови, кои повикуваат на насилно соборување на власта. „Опасноста сега е што тие војници што биле погодени од настаните и избегале од сириската армија мислат дека треба со насилство да се борат против остатокот од сириската армија. Ако сакаат да успеат, тоа не е правилниот начин“, објаснува Шарп. Арапската лига уште еднаш ги повтори апелите да сопре насилството од сите страни, на состанокот на кој ќе ги разгледуваат досегашните информации. Низ целата земја во моментов луѓето леат крв за правото да ја одредуваат сопствената судбина. И покрај владините ветувања, многумина сега веруваат дека премногу животи се изгубени, премногу крв е пролеана, така што единствената можност што останува се вистински промени.
Сирија: Преголема цена за саканите промени
ТОП ВЕСТИ