сабота, 27 јули 2024

Синдикатите на јавните универзитети против изјавата на Џафери: Власта не сака да ги потпише колективните договори

Синдикатите на вработените на петте јавни универзитети, Универзитетт „Св. Климент Охридски“ – Битола, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, Универзитетот во Тетово, Универзитетот „Мајка Тереза“ – Скопје, Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ – Охрид тврдат дека целокупната документација за потпишување на колективните договори уредно е доставена до претседателот на Собранието во периодот од мај 2023 година до декември 2023, се вели во демантот на синдикалните организации на овие универзитети по денешната конференција за медиуми на техничкиот премиер Талат Џафери.

Објавено на

часот

Сподели

„Во однос на хронологијата, односно развојот на настаните околу (не)потпишувањето на колективните договори, ве потсетуваме и дека во почетокот на декември мнозинството од овие пет јавни универзитети испратија предупредувачки писма до претседателот на Собранието на Република Северна Македонија за потпишување на колективните договори. Значи, ги опоменавме дека веќе истекува моментот за потпишување на колективен договор. Во текот на месец февруари, оваа година, беше
ставен во оперативна употреба Колективниот договор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и беа исплатени платите по новиот Колективен договор. Веднаш потоа сите пет синдикални организации на јавните универзитети испративме барање за итен прием кај претседателот на Собранието. На 15 февруари бевме примени од претседателот на Собранието, на средбата беше укажано дека ги имаме доставено сите документи и, дека, ако постоел проблем со документацијата, требало да се информира секоја синдикална организација. Во меѓувреме беше побаран и прием кај
техничкиот премиер на РСМ, што требаше да се одржи на 2 март, но не се реализираше. Поради тоа на 4 март се одржаа мирни протести, со дигнитет и достоинство…Ние не се занимаваме со политика!

Уште еднаш сакаме да ја истакнеме граѓанската димензија на синдикалниот активизам на синдикатите на вработените во петте јавни универзитети и дистанцирањето од какво било политичко влијание, особено ако се земе предвид предизборниот период во кој се одвива и овој синдикален напор, не по вина и избор на синдикатите, туку поради немање желба и волја на Собранието и на Владата да го
потпишат колективниот договор и со останатите пет јавни универзитети поради непредвидените буџетски средства за реализација на истиот“, се вели во реакцијата на синдикатите на универзитетите во Штип, Тетово, Битола, Охрид и Скопје.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ