сабота, 22 февруари 2025

Синдикалната кошничка поскапе за 521 денар

Синдикатот ја објави минималната синдикална кошничка за февруари – 67.773 денари за четиричлено семејство. За само еден месец кошничката чини 521 денар повеќе. За Сојузот на синдикатите на Македонија виновни се трговците, а владините мерки за намалените маржи ги оцени како позитивни.

Објавено на

часот

Сподели

Поскапувањето во делот на храна и пијалаци е 229 денари, а најмногу скокнале цените кај млечните производи како путерот и урдата и кај дел од зеленчукот. Ако се спореди со февруари минатата година пак, синдикалната кошничка е потешка за 6.297 денари, а делот на храна и пијалаци поскапел за 2.208 денари.

Од вчера на сила се владините мерки за ограничени маржи и највисоки цени за над илјада производи кои ќе траат до 30 април.

„За жал и новата пресметка на февруарската синдикална минимална кошничка покажува дека трговците повторно ги зголемуваат цените на грбот на граѓаните и работниците, особено користејќи го периодот од една до друга мерка кои ги креира Владата“, изјави Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.

Владата во вторникот донесе одлуки за скалести маржи од 5,10 односно 15 отсто на 102 групи производи и замрзнување на цени на 8 производи на нивото од 1 февруари.

Шеќерот, млечни производи, маргарин, путер, грав, конзервиран зеленчук и овошје, газирани сокови, пиво, вино ќе бидат со маржа од 10 проценти, а со 15 дел од свежото овошје и зеленчук, детергенти, средства за хигиена,  и бебешка храна.

Од новоформираната Стопанска комора на трговци на големо и мало велат дека владините одлуки се неисправни и бараат итна средба со премиерот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ