Сиљановска-Давкова изразила поддршка, почит и благодарност за активностите на ОМД во промовирањето и зачувувањето на македонскиот идентитет и култура ширум светот и ја истакнала посветеноста кон дијаспората и можностите за отворање нови хоризонти за соработка и развој, што ќе придонесе за зајакнување на македонското присуство и влијание на глобално ниво.
Во тој контекст, претседателката ги претставила своите заложби за формирање национален совет за соработка со дијаспората, што ќе работи на координирање, конкретизирање и продлабочување на врските со дијаспората во потрага по најдобри решенија за нејзино вклучување во научниот, образовниот, културниот, економскиот и друг развој на државата. Сиљановска-Давкова изразила желба и подготвеност за вклучување на млади од дијаспората во работата на Советот за млади.
Таа ја истакнала важноста на дијаспората за македонското национално ткиво, како негов неразделен дел, амбасадор во САД и неговите политички институции, лобист за македонската кауза и промотор на националната традиција.
На средбата, посочуваат од кабинетот на претседателката, била изразена поддршка на реализацијата на проекти што ќе ги зајакнат врските на државата со нејзината дијаспора, со акцент на заедничката визија за иднината во која Македонците, без разлика каде живеат, ќе бидат обединети околу заложбите за промовирање на заедничката култура, јазик и идентитет и развојот на матичната држава.