На средбата со Моратинос, кој е и поранешен шеф на шпанската дипломатија иј бил инволвиран во процесот на проширување на Европската Унија, била изразена согласност дека процесот на македонските евроинтеграции треба да биде во рамки на критериумите од Копенхаген и основните документи на ЕУ, а не врз билатерални и историски прашања.
Во соопштението од кабинетот на претседателката се вели дека соговорниците се согласиле дека е крајно време македонските граѓани да станат дел од европското семејство и ЕУ да го интегрира Западниот Балкан во своите редови и со тоа ќе се стекне со посилна поддршка и засилено влијание во мултиполарниот свет.
На средбата се разговарало и за важноста од промовирање на меѓукултурниот и меѓуверскиот дијалог како алатка за спречување конфликти и поттикнување социјална кохезија, при што претседателката Силјановска-Давкова ја нагласила посветеноста на нашата држава кон мултилатерализмот, како и кон работата на Алијансата на цивилизациите, промовирајќи ја регионалната стабилност.
Силјановска-Давкова и Моратинос, размениле мислења и информации за целите на Алијансата на цивилизациите, преку спроведување на политики кои промовираат социјална кохезија и културна инклузивност, а вклучуваат образовни програми, културни размени за јавна дипломатија, насочени кон градење толеранција и почитување.
„Силјановска-Давкова, го посочи потенцијалот на младинските форуми, програмите за размена и обука за лидерство, како средство да се поттикне меѓукултурното почитување и разбирање, при што ја истакна улогата на дигиталната дипломатија“, се вели во соопштението од претседателскиот кабинет.
Мигел Анхел Моратинос, заменикот генерален секретар на ОН и висок претставник на Алијансата на цивилизациите на ОН престојува во Македонија, по повод неговото учество на Форумот за културна дипломатија, организиран од Школата за млади лидери, под покровителство на поранешниот претседател, Ѓорге Иванов, кој, исто така, присуствувал на средбата.