петок, 27 декември 2024

Сиљановска Давкова: Го почитувам Преспанскиот договор, изјавата од заклетвата ја потпишав

Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска Давкова изјави дека го почитува Преспанскиот договор како правен акт иако е негов критичар, но и дека не кажала дека ќе го раскине. Изјавата од заклетвата ја потпишав, не ја искинав, нагласи таа.

Објавено на

часот

Сподели

Сиљановска Давкова вечерва при учество на настан по повод 20- годишнината од постоењето на Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП), на новинарско прашање потенцира дека не смета оти го прекршила Преспанскиот договор.

„Впрочем и во самиот Преспански договор јасно стои дека во документите, во комуникацијата ќе се употребува името од Преспанскиот договор. Значи, јас не гледам тука дека е тоа повреда. Јас ниту ја искинав изјавата, ниту реков дека нема да го почитувам Уставот, ниту реков ќе го раскинувам Преспанскиот договор. Едно е што јас сум го критикувала Преспанскиот договор, заради постапката на донесувањето, заради неусогласеноста со Повелбата на Обединетите Нации. Но, тоа е правен факт, тоа е реалност и јас ќе ја почитувам“, рече Сиљановска Давкова.

Таа нагласи дека исто така верува во слободата на изразување на мислата, на самоидентификација и на самоопределување која потенцира дека не само што може да биде колективна и да се однесува на народите, туку може да биде и индивидуална.

„Значи, за мене, слободата на мислата како дел од Универзалната декларација за слободите и правата, како дел од Конвенцијата за заштита на слободите и правата, како дел од Конвенцијата на ЕУ за фундаментални права, им овозможува на луѓето да се изјаснуваат по сопствено наоѓање и јас не гледам тука дека сум го повредила Преспанскиот договор“, наведе претседателката Сиљановска Давкова.

Прашана дали ова може да се одрази на нашата ЕУ – перспектива таа посочи дека за тоа треба да се праша грчката страна.

Сиљановска Давкова додаде и дека земјава ги смени документите за внатрешна употреба, и упати на одредба од Преспанскиот договор дека тоа ќе треба да се оствари пет години по неговото стапување во сила, но и по отворањето на првото поглавје. Таа при тоа праша дали ние отворивме некое поглавје и дали тоа не е исто така отстапување од Преспанскиот договор.

„Не би можела јас да одговорам, бидејќи веројатно грчките претставници најдобро можат да кажат. Понекогаш и слушам некакви предупредуваа и закани, но јас вака велам дека точно е дека во меѓународното право важи начелото дека треба да се почитуваат договорите, но еве мислам, секогаш кога бараме од другиот да стори нешто, логично е во една вин – вин логика да се запрашаме што сторивме ние. Јас мислам дека сите кои биле во Грција можат да видат дека токму името што од нас бараат да го почитуваме, тие никаде не го истакнале. Се уште има Скопје, Skopia, дури го има и акронимот на повеќе места, да не зборувам за меморандумите. Еве кога веќе ме прашавте само да кажам дека за мене најважниот мемораднум е оној за помошта при евроинтеграциите. Значи затоа очекувам со пример да се стори нешто и еве да укажам на уште нешто што исто така не се истакнува. Имено, ние ги сменивме и документите за внатрешна употреба, меѓутоа токму во однос на овие постапки, таму има во Преспанскиот договор се вика дека ќе почне примената, односно ќе треба да го оствариме ова пет години по неговото стапување во сила, ама пишува и по отворањето на првото поглавје. Јас имам прашање за себе, за Грција и за сите други дали ние отворивме некое поглавје и дали тоа не е исто така превид, не велам прекршување. Дали тоа не е исто така отстапување од Преспанскиот договор“, рече претседателката Сиљановска Давкова.

Инаку, Сиљановска Давкова при давањето свечена заклетва во Собранието на Македонија изговори само Македонија, по што секојдневно доаѓаат критики од Грција и закани за стопирање на европскиот пат доколку не се почитува суштината на Преспанскиот договор – името на државата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ