Порача дека не отстапуваме ниту од стратешката цел за членство во ЕУ, ниту од стратешкото партнерство со САД, бидејќи, како што рече, и покрај тековните превирања, веруваме во важноста од ефективен трансатлантизам, базиран на меѓународни правила и принципи, јави известувачот на МИА од Баку.
Но, исто така, свесни сме дека секогаш, пред да се погазат физичките граници, се газат принципите и вредностите. Двојните стандарди генерираат преседани коишто прераснуваат во правила. A кога се прават компромиси со меѓународните правила и принципи и со меѓународното право, се компромитираат Обединетите нации, се обезвреднува повелбата и се поткопува меѓународниот поредок, укажа претседателката.
Она што Обединетите Нации се за светот, рече таа, Европската Унија е за Европа – мултилатерален проект со една врвна цел – мир на континентот. Тоа го постигнува преку политиката на проширување со нови земји членки коишто ги исполнуваат Копенхашките критериуми.
„Како олицетворение на мултилатерализмот, Европската Унија има обврска непристрасно и конзистентно да го брани мултилатерализмот. Но, европскиот пат на мојата држава е поплочен со двојни стандарди, со нови барања и услови коишто не им биле поставени на други држави. Неодамна, на еден од панелите на Минхенската безбедносна конференција, македонскиот премиер постави реторичко прашање: зошто, кога Русија го негираше украинскиот идентитет и јазик, цела Европа стана во одбрана на Украина, а кога една земја членка на Европската Унија го негираше македонскиот идентитет и македонскиот јазик сите молчат. Одговорот на модераторот на панелот беше: „затоа што вие не сте нападнати“. За волја на вистината, не молчат, туку бараат да ги прифаќаме неправедните услови и да преговараме за нашиот национален идентитет, за нашиот јазик, нашата култура, историја, па и за нашиот уставен поредок“, рече Сиљановска-Давкова.
Според неа, пропуштени се многу можности за реформи на ООН, а застарените мултилатерални инструменти на Обединетите нации веќе не можат да одговорат на сегашните геополитички, економски, еколошки, демографски и технолошки предизвици.
„Ретко кога Обединетите Нации ни биле толку потребни како денес. А сепак, ретко кога Обединетите Нации биле толку политички маргинализирани како што се денес“, рече претседателката.
Според неа, опстојувањето на Пактот за иднинатата ќе зависи од тоа дали државите ќе ги одржат преземените обврски и дали ќе ги напуштат двојните стандарди.
Потсети дека Пактот за иднината заедно со Глобалниот дигитален договор и Декларацијата за идните генерации, понуди визија за мултилатерализам што на поинклузивен и поправеден начин би можел да ги исполни трите врвни цели на ОН – мир и безбедност, човекови права и одржлив развој.
Но, уште недонесен, како што посочи, пактот се соочи со двојната критика на премали и преголеми очекувања. Од една страна некои идеалисти тврдеа дека пактот не е доволно силен за да биде еликсирот којшто ќе ја подмлади нашата 80 години стара организација. Од друга страна, пак, некои реалисти сметаа дека пактот е само уште еден очаен обид да се спаси поредокот воспоставен по Втората светска војна, чиишто урнатини се околу нас.
„Наместо мултилатерализам имаме мултиполаризација и растечко геополитичко ривалство. Меѓународното право е еродирано поради двојните стандарди. Се разгоруваат нови конфликти за ресурси, вода, енергенси и ретки минерали. Битката со природата како да е однапред изгубена. Меѓународните односи станаа непредвидливи. Наместо Кантовиот вечен мир, за којшто мечтаеја некои од авторите на Повелбата на Обединетите Нации, ние како да се наоѓаме во предхобсовска состојба“, оцени претседателката.
Потсети дека пактот беше усвоен како внимателно изграден глобален консензус околу две нешта.
„Прво, иако се застарени, Обединетите Нации сепак се единствената организација којашто, освен универзален легитимитет, има и акумулирано искуство, знаење и потенцијал за да ги адресира проблемите, да ја мобилизира глобалната јавност, да ги координира процесите на креирање политики и носење одлуки, и да помага во нивното спроведување. Второ, неопходни се суштински реформи коишто ќе ги направат глобалните институции полегитимни, поправедни, поефективни и подоследни во исполнувањето на Повелбата на Обединетите нации“, рече претседателката.
Како што дополни, Советот за безбедност треба да се прошири, да се реформира и да се демократизира за биде поотчетен и поодговорен во одржувањето на меѓународниот мир и безбедноста, а Генералното собрание да го заземе своето вистинско место на главен претставнички орган не само за дебата, туку и за креирање политики. Пресудите на Меѓународниот суд на правдата, пак, смета таа, мора да станат обврзувачки за сите.
„Само така Обединетите нации ќе можат да одговорат на сегашните геополитички, економски, еколошки, климатски, технолошки и демографски предизвици“, нагласи Сиљановска Давкова.
Пактот за иднината го оквалификува како еден вид глобален општествен договор, како што рече, нов Русоов договор, којшто треба да го зајакне мултилатералниот систем со Обединетите нации во нивно јадро и истакна дека уште во своите први месеци се најде пред нов предизвик.
„Прашањето што многумина сега го поставуваат не е дали Пактот за иднината ќе биде успешен, туку дали воопшто ќе ја преживее 2025 година. Дали ќе успее да опстане во новите геополитички околности, и, ако опстане, дали ќе биде референтна точка за обнова на Обединетите Нации, или, пак, ќе се сведе на уште еден амбициозен, но задоцнет документ што ќе собира прашина во архивите на Ист Ривер? Тоа зависи од две нешта. Прво, дали државите ќе ги одржат преземените обврски. И, второ, дали ќе ги напуштат двојните стандарди. Зошто токму двојните стандарди? Бидејќи тие се Ахиловата пета на мултилатерализмот. Селективната, наместо универзална примена на меѓународните правила и принципи ја доведува во прашање универзалноста на самите принципи“, рече претседателката.
Во контекст на тоа дали Пактот за иднината ќе ја преживее оваа 2025 година, рече дека не е првпат да сме во ваква ситуација и наместо да станаме наивни идеалисти или сурови макијавелисти, треба со реалистична надеж да го одржиме овој глобален консензус.
Тоа, како што рече, го говори како претседателка на држава којашто многупати го почувствувала товарот на двојните стандарди, на прекршените договори, на неисполнетите ветувања.
Порача дека малите држави треба да бидат најгласните и најголемите поддржувачи на овој пакт.
„Што нѐ очекува доколку ја пропуштиме оваа можност? Дали, наместо обединети, би имале разединети нации, сведени на реликт од минатото, блокирани поради ветото и парализирани поради бројните кризи и предизвици? Дали би имале поделба на светот во зони на влијание и интереси, паралелни поредоци коишто ќе гравитираат околу различни геополитички центри, секој со свој систем на вредности, правила и принципи, секој со свој аршин за човекови права и слободи. Дали би живееле во свет без универзални вредности и без свест и грижа за глобалните добра и за иднината на сè уште неродените? Тоа е нешто што не смееме да си го дозволиме“, порача Сиљановска-Давкова.
Таа денеска се обрати и на отворањето на форумот, а имаше и билатерална средба со нејзиниот албански колега Бајрам Бегај. Во изминатите два дена претседателката Сиљановска -Давкова, во рамки на официјалната посета на Азербејџан, се сретна со претседателот Илхан Алијев, премиерот Али Асадов и претседателката на Националното Собрание, Сабиха Гафарова. Како што информираше претседателката, речиси е готова декларацијата за стратешко партнерство и соработка со Азербејџан, што треба да премине во договор со кој ќе се зајакне соработката во енергетиката и економијата.