вторник, 25 февруари 2025

Сиљановска-Давкова – Ангелов: Агенцијата за иселеништво се залага за поефикасна соработка со дијаспората

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова остварила средба со директорот на Агенцијата за иселеништво, Горан Ангелов.

Објавено на

часот

Сподели

На средбата, како што денеска соопштија од кабинетот на Сиљановска-Давкова, директорот Ангелов информирал за организацијата на агенцијата и за човечките ресурси во неа, како и за преземените и планираните активности, неопходни за унапредување на односите и соработката со иселениците и нивните различни иселенички организации.

Тој истакнал дека агенцијата остварува интензивна соработка со иселеничката мрежа од 700 црковни, спортски и културно уметнички иселенички организации, што изразуваат силен интерес за средби со неа и со други највисоки претставници на државата, како неопходен механизам за зајакнување на односите со татковината.

„Ангелов укажа дека иселениците најчесто се жалат на проблемите врзани за бирократските бариери и долгата и комплицирана процедура за добивање македонски пасоши и други документи, важни за остварување на нивните граѓански права во татковината. Истите, според него, може да се надминат преку поактивно и попосветено излегување во пресрет на вработените во македонските амбасади и конзулати, од една страна, но и преку отворање канцеларии во општините од кои потекнуваат за низа акти и документи, од друга“, се наведува во соопштението.

Во разговорот била потенцирана потребата од обезбедување наставни помагала за изучување на македонскиот јазик во дијаспората. Според регистарот на Агенцијата за иселеништво, има 76 наставнички по македонски јазик низ светот, кои изразиле голема потреба од унифициран учебник по македонски јазик по кој би предавале, со кој би ги замениле постојните работни тетратки, што сами ги креирале и отпечатиле.

Претседателката укажала дека одбележувањето на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот јазик е вистинско време и повод за промоција и поттикнување на изучувањето на македонскиот јазик од младите луѓе во дијаспората.

Сиљановска-Давкова ја прифатила поканата за покровителство на „Летната школа за македонски јазик“ за деца од дијаспората, на возраст од 12-16 години, што ќе се оддржи во август во Охрид.

На средбата била споделена идеја за доделување награди на најуспешните и најреномираните нашинци од дијаспората во сферата на науката, културата, бизнисот и спортот, како и за нужноста од изработка на „Дигитален регистар на најуспешните во дијаспората“ во соработка со Владата, МАНУ, универзитетите, амбасадите и други субјекти.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ