Трамп засега има освоено 276 од потребните 270 електорски гласа.
Во секоја држава што преброила најголем дел од своите гласови, Трамп ги подобри своите перформанси од 2020 година, објави Њујорк тајмс.
Конечниот исход од претседателските избори во САД го одредуваат електорските гласови дадени од членовите на Електорскиот колегиум. Има вкупно 538 електорски гласови и кандидатот мора да освои најмалку 270 за да биде избран.
Рано утрово, Трамп ги освои сигурните „црвени“ држави, а потпретседателката Камала Харис ги однесе „сините“ упоришта. Подоцна, Трамп ги освои Северна Каролина, Џорџија и Пенсилванија, а патот на Харис до 270-те гласа значително се стесни.
Поранешниот претседател им се обрати на приврзаниците во Флорида и му се заблагодари на американскиот народ за поддршката. „Имаме земја на која ѝ треба помош, а помош ѝ треба многу. Ќе ги поправиме нашите граници и ќе поправиме сè за нашата земја“, рече Трамп, ветувајќи им на Американците дека „секој ден ќе се борам за вас“ и рече дека ќе ја почне „златната доба на Америка“.
„Америка ни даде досега невиден и моќен мандат“, рече Трамп во обраќањето пред веселите поддржувачи.
Враќањето во Белата куќа е извонреден „камбек“ за Трамп откако загуби од Џо Бајден во 2020 година, вели Би-би-си.
Републиканците ќе го освојат и мнозинството во американскиот Сенат, прогнозира Си-ен-ен, што ќе ја смени рамнотежата на силите во Вашингтон.
Поттикнат од навестувањата за победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД, утринава доларот скокна за околу 1,5 отсто во однос на јенот и еврото на берзите во Азија.
Околу 3 часот по Гринич, доларот порасна за 1,71 отсто во однос на јапонската валута на 154,21 јени за долар и поскапе за 1,67 отсто во однос на европската заедничка валута на 0,9302 евра за долар.
Поддржувачите на Трамп се „суперсреќни“ и „се чувствуваат благодарни“
Расположението пред конгресниот центар во Палм Бич е весело, додека поддржувачите на Доналд Трамп излегуваат од неговата изборна забава.
Камионите што минуваат од таму свират со сирени, а маж на мотор свири хип-хоп песна на тема Трамп.
Фатима Хенгес (30) танцува по улицата додека ја напушта забавата и вели дека е „среќна, суперсреќна“ поради досегашните резултати.
„Не сакаме да одиме дома, но мора да работиме утре“, вели таа. „Мислам дека ова е добро за сите, промена“.
Розелба Моралес, имигрантка од Мексико, која минатата година станала натурализирана државјанка, гласала за Трамп и е возбудена што гледа дека победува вечерва.
„Тој сака мир, сака безбедност, сака да ги спаси нашите деца“, вели таа, мавтајќи со големото знаме на Трамп. „Се чувствувам благодарна, ти благодарам Исусе!“