петок, 18 октомври 2024

Швајцарски весник: Војната на Балканот повторно е извесна, опасноста е реална

„Што ако победи Доналд Трамп?“ Тоа е прашањето во насловот на анализата на Ноје зирхер цајтунг. И веќе во поднасловот швајцарскиот весник нуди одговор: „Војна на Балканот би била поверојатна отколку што била веќе долго“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Андреас Ернст, авторот на анализата, пишува: „Националистичките сили во Србија се надеваат на втор мандат на Доналд Трамп. „Трамп, Србине!“ – неговите поддржувачи веќе лепеа плакати по разни градови по неговиот избор во 2017 година. Ричард Гренел, поранешниот претставник на Трамп за Балканот, е заговорник на Белград. Владата му се додворува со подароци. А Џаред Кушнер, зетот на Трамп, планира да изгради комплекс хотели во центарот на Белград. Сето тоа дава надеж дека повоениот поредок кој го создадоа Соединетите Американски Држави во регионот ќе се смени во корист на Србија“.

Авторот констатира дека „државниот поредок на Западен Балкан е резултат на Пакс Американа“ и дека „САД воено ги заврши војните во Босна и Херцеговина и на Косово и наметна нов поредок“.

Меѓутоа, како што се додава, тој поредок создаден од американските интервенции немаше да трае без друг актер: „Европската Унија во 2003 година, во таканареченото Солунско ветување, на земјите од Западен Балкан им вети дека во иднина сите ќе станат членки на Унијата. Со тоа ветување земјите добија надеж за просперитет, а националистичките актери беа привремено политички маргинализирани“.

„Пакс Американа, со ЕУ перспективата, беше формулата за стабилност на регионот. Но таа формула денес важи само во ограничена мера“, се наведува во анализата на швајцарскиот весник.

Авторот потоа оценува дека „српскиот ревизионизам се заснова на две премиси“.

„Геополитички: од средината на 2010-те претседателот на Србија Александар Вучиќ успешно води „политика на неврзаност“ која намерно тежнее да се гради по југословенскиот модел, и идеолошки: терминот „српски свет“ е во оптек веќе неколку години. Заснован е на етно-националниот концепт од 19 век дека „српското прашање“ треба да се реши со обединување на сите Срби во една земја“.

Особено се укажува на примерот на Азербејџан: „Тоа што таа земја во 2023 повторно го освои Нагорно Карабах стана политички аргумент во Србија. Вучиќ го фали стратегиското трпение на претседателот Илхам Алиев. Во деведесеттите години Азервејџан беше премногу слаб за да го обнови својот територијален интегритет. Алиев во меѓувреме ја крена економијата, ја унапреди војската и чекаше промена на геополитичката атмосфера. Удри дури кога „поинаков резултат стана возможен“. Српскиот опозициски политичар Вук Јеремиќ се сложува со тоа: „Меѓународните прилики се менуваат“. На сите им е јасно дека тука се мисли на Косово“, пишува Није цирхер цајтунг.

Авторот потоа се враќа на Трамп оценувајќи дека тој нема да го наруши кревкиот поредок на Западен Балкан само затоа што регионот не му е приоритет. „Во тој поглед српските надежи и стравувањата на нивните соседи се напумпани. Но, Трамп ќе ја ослаби трансатлантската оска, а за Западен Балкан е критично дали курсот на Трамп ја јакне или слабее ЕУ како геополитички актер“.

„Економскиот или политичкиот притисок однадвор ќе доведе до фрагментација на Унијата, а не го нејзина консолидација“, пишува весникот. „Резултатот би можел да биде ренационализација на политиката, во комбинација со формирање коалиции на некои земји. Во односот кон Русија, тука би биле Австрија, Унгарија, Словачка, а можеби и Бугарија, би следеле сопствена насока. А ако Националниот собир ја преземе власта во Франција, таа насока на помирување со Москва веројатно би добила засилување од Париз“.

Се заклучува дека „сето тоа би отворило простор и на Западен Балкан кој би можела да го искористи Србија. На дневниот ред би се нашла реинтеграција на северно Косово населено со Срби, како и отцепување на Република Српска за обединување со Србија. Тие цели би ги поддржала Русија, која така би можела да го засили своето влијание во Европа. Истовремено, немоќта на ЕУ би била очигледна“.

„Прашањето дали Трамп го дестабилизира Западен Балкан мора да биде преформулирано: дали човекот во Белата куќа ја дестабилизира Европа и со отвора простор за конфликти на Балканот?

Таа опасност е многу реална имајќи ја предвид несигурната состојба во ЕУ“, се заклучува во текстот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ