Се работи главно за Македонци, борци за човекови права, активисти во бројните здруженија на Македонците бегалци од Егејска Македонија, лица кои отсекогаш отворено зборувале и презмале одредени активности во одбрана на основните човекови права на бегалците и на Македонците кои живеат во Грција. Очигледно оваа нивна активност за грчките безбедносни структури претставува опасност за безбедноста на нивната држава и тие без никакво образложение ги издаваат овие забрани за влез на нивната територија. Во единствениот документ што го добиваат, на грчки и српски јазик, напишано е само „непожељни“.
Последен таков пример е забраната за влез во Грција на Сотир Лукровски, координатор на здруженијата на Егејците во Македонија кој неодамна од граничниот премин Меџитлија мораше да се врати и да не присуствува на прославата на Македонците во Овчарани, Грција.
Ова не е нешто ново од грчките органи. Вакви забрани тие отсекогаш издавале на, за нив „сомнителни“ Македонци кои покажувале и покажуваат преголема активност во борбата за правата на Македонците. Тоа се случувало и за време на Југославија, кога Македонија беше дел од таа федерација. И тогаш и во независна Македонија, надворешната политика не покажувала особен интерес да го отвори ова прашање во билатералните југословенско-грчки или македонско-грчки односи. Интересно е и тоа што и државите како САД, Австралија или Канада не се потресувале многу за поединечните вакви случаи на нивните граѓани.
А на црната листа на Грција има активисти, потомци на децата бегалци, новинари, уметници, професори…
Сашо Маневски, претседателот на организацијата Нов АСНОМ е еден од нив.
„Пред две години снимив интервју со Павле Воскопулос Филипов од Виножито, македонската партија во Грција. Интервјуто го снимив во Лерин. Одлично беше. Неколку месеци подоцна отидов во Кукуш на 150 годишнината на раѓањето на Гоце Делчев и од таму пратив порака дека Македонците сега се во иста ситуација како и Гоце – Гоце немал своја држава и денес Македонците немаат своја држава. Борбата која ја водел Гоце е иста која сега ја водиме и ние Македонците кои сакаме да си ја вратиме државата во наши, македонски раце. А тоа подразбира враќање на името Република Македонија и градење на држава која ние Македонците ќе си ја чувствуваме како своја. Северна не е наша држава. Никој не загинал за северна и истата се прогласи против референдумската волја изразена на 30 септември 2018 година. Потоа планирав патување за да се видам со наши од пределот на Пајак планина. На грчка граница ми беше кажано да се тргнам на страна. Колата детално ја прегледаа да видат што има. Чекав 30 минути без да ми кажат што е работата за да ме однесат во една канцеларија каде ми дадоа лист хартија напишан на грчки и на два други јазици, на многу лош англиски јазик и на кирилично писмо со неразбирлива содржина. Ми кажаа дека до 2025 имам забрана за влез во Грција и ако сакам да дознаам повеќе да се обратам до грчката амбасада во Скопје. Пратив имејл до грчката амбасада, ама никогаш не добив одговор“, вели Маневски во изјавата за МКД.мк.
По забраната на Лукровски, македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски одржа средба со претставниците на здруженијата на Егејците и истакнал дека лично тој, како и институциите на државата ќе застанат во одбрана на човековите права на Македонците од Егејот и ќе реагираат со сите дозволени политички средства кон меѓународните фактори како и кон институциите во Грција за „неправдата и штетата која е нанесена кон активистите на Македонците од Егејот со неоснованите забрани за влез во Грција“.
„Македонците од Егејот преку своите здруженија во претстојниот период ќе побараат прием во амбасадата на Грција, Канцеларијата на ЕУ и Хелсиншкиот Комитет во Македонија при што ќе вложат протестни писма за последните изречени забрани за влез во Грција на нивни активисти меѓу кои и координторот на здруженијата Сотир Лукровски. Ние нудиме соработка и мостови, идеи за приближувања на двата народи, но за жал наидуваме на спуштени рампи. Егејот е душата на Македонија“, истакнаа од здруженијата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија.
И историчарот Димитар Љоровски Вамваковски, кој добро го познава и грчкиот јазик, во изјавата за МКД.мк вели дека забраната ја има уште од 2012 година и таа сѐ уште е важечка.
„Во 2012 година добив документ за забрана за влез од пет години, а во документот пишуваше дека сум заведен во националниот регистер на грчката држава како непожелна личност. После пет години, забраната секогаш се продолжува по три години. Според грчкиот закон врз основа на кои се ставаат овие забрани, нас нѐ сметаат како закана за грчката национална и јавна безбедност и закана за јавниот ред во Грција, што во прв момент наликува на многу опасна и страшна квалификација, што ни нанесува реална деградација, етикетирање и морално понижување како изградени и професионално докажани личности.
Во суштина забраната кај мене, а и кај повеќето што имаат ваква мерка, е поради нашите посети на одредени културни настани и активности во Северна Грција, како на пример популарните панаѓури кои се случуваат во овој период од годината, посета на родните места на нашите родители, контакти со одредени личности од тој дел на Грција… Нас нѐ сметаат како активисти или во нивната перcпектива како агитатори, пропагандисти за создавање на некакво си непостоечко малцинство во северните делови на нивната држава. Тука во реланоста лежи и главниот проблем, т.е. ниту во минатото, ни во сегашноста, ниту пак во иднината нема да се признае постоењето на македонското малцинство на нејзина територија. Во глобала тука лежи главниот проблем, а не дека ние сме некакви националисти, шовинисти или иредентисти, и покрај фактот дека никогаш не сме го оспориле територијалниот интегритет и суверинитет на грчката држава или на крај памет не ни теканло или сме делувале во насока на отцепување на одредени територии на грчката држава. Тоа е најголем апсурд и невистина која ни се прилепува“, вели професорот од Институтот за национална историја Љоровски.
Тој вели дека заедно со други „непожелни“ за Грција лица планираат инстутиционално да ја продолжат борбата за вистината и достоинството, правото за слободно движење и тоа преку меѓународно актуелизирање на ова прашање и преку обраќање до грчките државни институции да ги тргнат овие неҳумани забрани. „Ние не сме никаква закана по нивната држава. Напротив. Ние сме најголемоте поборници за зближување на двата народи и двете држави. Исто така, ја поздравувам посветеноста што ја покажа министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и реалните заложби да излезе во пресрет и да помогне околу решавањето на овој проблем, се разбира согласно неговите можности и ингеренции, бидејќи сепак не треба да заборавиме дека ова се смета за внатрешно прашање на грчката држава и само тие можат да ги повлечат овие забрани“, изјави професорот Димитар Љоровски Вамваковски.
На „црната листа“ повеќе од две децении е и Стефче Стојковски, музичар, чувар на македонските песни, ора и народни инструменти.
„Јас бев првиот Македонец кој свиреше и пееше во Егејска Македонија. Во 1994/95 година бев поканет за божиќната прослава на Македонците од Овчарани. Свирев и пеев македонски песни. Сето тоа се снимаше на видео, направив една културна револуција која резултира со тоа што до ден денес слободно се пеат македонски песни. Пред тоа само се свиреа, но не се пееја. Веднаш по моето гостување организирав гостување и на Васка Илиева. Тоа беше за Прочка. Така ја добив забраната. Не знам што да преземам, не ми кажуваат што е причината зошто ме враќаат од граница, демек дискрециско право на секоја земја. Грција е наш сосед и треба да ги развиваме добрососедските односи меѓу Македонците и Грците на секое поле“, вели за МКД.мк Стојковски.
Во очекување на одговорот од грчката амбасада на прашањата на МКД.мк за „црната листа“ на Грција и во очекување на реакцијата на македонската дипломатија на овие загрозувања на основните човекови права за движење на македонските и други граѓани, се надеваме дека Грција конечно ќе излезе од тој долгогодишен стереотип на непостоење на македонското малцинство на нивна територија и забрана за какви било активности кои водат кон почитување на тие малцински права. Сите наши соговорници велат дека токму тие се најголемите поборници за добрососедски односи, за пријателство меѓу Македонија и Грција, без никакви скриени агенди за оспорување на нечиј територијален интегритет. За жал, од другата страна намерата е сосема спротивна, да го спречува на секој начин создавањето врски и соработка на Македонците од Егејот и тие што како потомци на децата бегалци живеат во Македонија или во други земји.
Инаку, овие инциденти со „непожељни“, се против духот на Преспанскиот договор кој во основа требаше да поттикне градење пријателски односи меѓу Македонија и Грција. Но, со ваквите мерки на грчките погранични служби Атина не делува во тој дух. Или ова е дел од т.н. „тајно оружје“ на Грција кое го најави Мицотакис.
А.Д.