понеделник, 3 февруари 2025

Што е поголема безбедносна закана за Македонија: радикалниот екстремизам или етнонационализмот?

Пред десетина дена од македонските безбедносни служби беше спроведена акција во која беше разбиена терористичка ќелија, во која биле приведени четворица членови. Претходно, во средината на декември, минатата година беа лишени од слобода уште четворица екстремисти, за кои постојат индиции дека припаѓале на иста група, односно дека биле индоктинирани со исламски екстремизам. За некои од приведените, во јавноста се појавија информации дека биле повратници од боиштата во Сирија каде се бореле на страна на терористичката организација Исламска држава.

Објавено на

часот

Сподели

Келијата е разбиена во два наврати. Специјалните единици на МВР првично извршија апсења во Струга и Гостивар. Во вториот бран апсења во Скопје и Гостивар кои се случија пред десетина дена пронајдена е и автоматска пушка и пиштол, но и компјутерска опрема и телефони кои сега се предмет на вештачење за да се види дали можеби келијата брои и други членови.

Групата планирала терористички напад врз т.н. меки цели, односно објекти каде главно има цивили. Според одредени информации, групата била во напредна фаза на планирање на нападот.

За актуелниот статус на приведените во акцијата на разбивање на терористичките ќелии, од Управата за извршување на санкции, за Мкд.мк, велат дека тие веќе се наоѓаат во КПУ Затвор Скопје (попознат како затворот во Шутка), со квалификувано дело според член 394 од Кривичниот законик, за терористичка организација и тероризам, но не и за дела според член 322 од КЗ, за учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации.

„Од достапните информации согласно електронскиот систем за евиденција новодојдени се 4 лица од спроведената акција кои се приведени врз основа на член 394-а од КЗ“, велат од Управата за спроведување санкции.

Сепак, навестувањата, па дури и на ниво на шпекулација за присуство на повратници од странски боишта индоктринирани со идеологијата на ИСИС и Исламската држава, на територијата на Македонија, го подигнува нивото на алармираност и загриженост за јавната безбедност. Уште повеќе што развојот на настаните на Блискиот Исток ги активира опциите за враќање на овие екстремисти, македонски државјани во земјава, но и потенцијално реактивирање на нов миграциски бран на Балканот. На овие реално претпоставени опасности од случувањата на Блискиот Исток (Сирија, Либија, Либан, Авганистан, Палестина), кои многу лесно можат да се рефлектираат и на безбедносната состојба во Македонија се надоврзува и ризикот од влошување на ситуацијата во Сирија доколку Турција преземе воени дејствија против Курдите.

Што се однесува до бројката на македонски државјани кои сè уште се наоѓаат на боиштата на Блискиот Исток, Павле Трајанов, национален координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, вели дека имаат сознанија за четворица од Македонија, кои дејствуваат на тие боишта. До неодамна биле петмина, меѓутоа еден загинал.

„Процените на безбедносните служби за реактивирањето на  т.н.‘балканската рута’ за мигранти по актуелните воени придвижувања на Блискиот Исток е дека постои реална можност. Сепак, тоа се оперативни процени наменети за подготвеност и меѓународна координација на безбедносните служби, но не се од карактер за ширење страв и паника меѓу населението. Службите за надворешно разузнавање, како Агенцијата за разузнавање работат координирано во однос на следење на развојот на настаните на Блискиот Исток и процена на ризиците од безбедносни закани во смисла на нивно превенирање. Можноста за повлекување на борците од ИСИС и ИД, доколку бидат притиснати воените дејства преземени против нив и нивно ‘инфилтирање’ меѓу мигрантите, секогаш постои. Доколку се обидат да влезат во Македонија, безбедносните служби треба да бидат подготвени соодветно да постапат, т.е. да ги уапсат. За македонските државјани на овие боишта, за кои имаме информации дека се останати четворица, доколку се вратат ќе се постапува според членот 322 од КЗ, за учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации. Во секој случај ги следиме тие појави и процеси на радикализација, екстремизам и етнонационализам. Сепак, како најголема безбедносна закана за Македонија сметам дека е етнонационализмот, кој го применуваат партиите, обидувајќи се да ги прикријат своите криминално-коруптивни активности во минатото“, вели Павле Трајанов, националниот координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам.

Информациите од институциите велат дека на странски боишта се заминати вкупно 143 македонски државјани, од кои се вратени 68. Во средината на јули 2021 година Владата на Македонија објави дека успешно го завршила процесот на репатријација на македонските државјани од Сирија и Ирак за четворица мажи странски терористички борци, пет жени и 14 деца.

Сепак, според најновите информации од Управата за извршување санкции за Мкд.мк, во 2023 година во притвор имало 2 новодојдени лица на издржување мерка притвор по член 322-а од КЗ, односно за учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации. Во 2024 година во притвор имало 1 новодојдено лице на издржување на мерка притвор по член 322-а од КЗ. Сите три лица во 2024 година започнале со издржување на казна затвор во КПД Идризово. Но во 2024 година, 7 осудени лица по чл.322-а од КЗ се отпуштени од издржување на казна затвор по основ истек на казната затвор.

Актуелната состојба во затворите со оние кои издржуваат казни за терористичка организација и тероризам, според членовите од КЗ, 394-а и 394-б, е 42 лица. Од нив 34 осудени лица се во КПД Идризово, осуммина се во Затвор Скопје и едно осудено лице е во Затвор Куманово.

Единаесет осудени лица за учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, член  322, казната ја отслужуваат во КПД Идризово.

За терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, според член  313 од КЗ има 19 осудени лица кои ја отслужуваат казната: во КПД Идризово – 2 осудени лица, КПД Штип – 9 осудени лица, КПД Прилеп- 3 осудени лица и Затвор Скопје – 4 осудени лица.

При последната организирана репатријација на борците од странските боишта, во 2021 година, владините служби информираа дека процесот е спроведен во согласност со обврските на Македонија што произлегуваат од меѓународното право, меѓународното право за човекови права, меѓународното хуманитарно право, стандардите и резолуциите на Советот за безбедност при Обединетите нации. Македонскиот Национален план за реинтеграција, ресоцијализација и рехабилитација на повратници од странски војски е усогласен и во голема мера произлегува од обврските што земјава ги има како членка на НАТО и Глобалната коалиција за борба против Исламска држава, во соработка со стратегискиот партнер САД.

„Тоа е своевиден конкретен доказ дека земјава останува посветена во примената на највисоките стандарди во борбата против насилниот екстремизам и тероризмот, заради осигурување безбедност, сигурност, стабилност и просперитет на највисоко ниво за граѓаните на нашата земја и пошироко во регионот“, беше кажано при враќањето на македонските државјани кои учествувале на странски боишта.

Според членот 322-а од Кривичниот закон, повратниците од странските боишта се сторители на казниво дело – учество во странски војски и полиции. Сепак, во македонското општество справувањето со оваа нуспојава на воените конфликти е регулирано институционално. Активностите и дејствата што ги спроведуваат надлежните институции во Македонија се базираат на Националниот план и процедурите за реинтеграција, ресоцијализација и рехабилитација на повратници од странски војски и членови на нивните семејства, усвоени од страна на Владата, а за чија координација и имплементација е надлежна Kанцеларијата на националниот координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам.

Јасминка Павловска

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ