сабота, 27 јули 2024

Шпигл: Орбан ги протерува германските компании од Унгарија

Објавено на

часот

Сподели

Тоа довело до ситуација одреден број германски компании повеќе да не се чувствуваат добредојдени во Унгарија, тврди германскиот весник.

Унгарскиот премиер Орбан беше прилично отворен кон германските инвеститори порано во својата кариера, но таа состојба на нештата во последно време драстично се сменила, според германскиот весник.

Шпигл наведува дека овој тренд почнал со најавата на Орбан дека поголемиот дел од унгарската индустрија мора да биде во унгарски раце, по што законодавците во Будимпешта донесоа низа прописи кои го отежнаа работењето на странските компании.

Методот кој го користи владата на Орбан за остварување на оваа цел сега им е добро позната на сопствениците на германските компании.

Прво, несаканите инвеститори се блокирани со бирократски ограничувања и услови, за потоа да добијат понуди за преземање на (дел од) сопственоста од унгарски претприемачи, за кои германскиот весник тврди дека се често блиски до унгарскиот премиер.

Иако германските компании ретко се осмелуваат јавно да протестираат околу обидите на унгарската влада да ги зајакне домашните произведувачи, генералниот директор на издавачот на училишни учебници Клет од Штутгарт Филип Хаусман истакна дека Будимпешта сака странските компании да бидат во „неповолна позиција“ во секторите во кои унгарската влада сака да создаде национални корпоративни џинови.

„Некои германски компании повеќе не се чувствуваат добредојдено во таа земја“, истакна Хаусман, додавајќи дека безбедноста на нивните инвестиции „повеќе не е загарантирана“.

Враќање на унгарскиот градежен сектор во рацете на Унгарците

Во случајот на градежните компании и произведувачите на цемент, тука е прописот со кој на странската компанија ѝ се додаваат 90 отсто „дополнителен рударски надомест“, за кој германските компании велат дека им нанесува парични загуби со секоја продадена вреќа цемент.

Друг указ подразбира дека подружница на странска компанија може да извезува стока надвор од земјата само со специјална дозвола, а трет ги обврзува компаниите да произведуваат цемент во унгарските каменоломи според државните спецификации.

Шпигл додава дека унгарскиот министер за градежништво Јанош Лазар пред неколку недели објави нацрт закон за градежништво, со кој, како што наведува германскиот весник, таа „индустрија конечно се става под команда на државата“.

Доколку овој правен акт стапи на сила на почетокот на јули, како што е најавено, властите можат како сакаат да ги диктираат обемот на производството и цените на странските произведувачи на цемент. Повеќето материјали би морале да им се испорачаат на новата мрежа национални трговци со градежни материјали кои би доминирале со пазарот. Ако странските сопственици сакаат да се откажат од своите компании, државата би имала право на предност на купувањето.

Следниот пример од градежната индустрија Шпигл го илустрира со случајот на германските компании Хајделберг материјалс и Швенк цемент, тврдејќи дека унгарските компании уште сега ги користат овие околности за да ја преземат работата од странските претпријатија.

Тие две компании неодамна добиле писмо од неименуван унгарски претприемач во кое се наведува дека е сопственик на „група компании кои интензивно се развиваат“, и дека сака да го откупи уделот на сопственост во нивната унгарска подружница.

Имајќи ја предвид неповолната деловна позиција на двете германски компании, писмото на унгарскиот претприемач се сведува на „понуда која не може да се одбие“ во стилот на италијанската мафија.

„Очигледно е дека владата сака да изврши притисок врз странските произведувачи на цемент да ги продадат своите компании“, се жали еден менаџер на Хајделберг материјалс на Шпигл.

Реакција на ЕУ

Владата на Орбан успеа да не ги антагонизира германските инвеститори во целост, пишува Шпигл, затоа што стратегијата на зајакнување на домашните претпријатија се применува само во одреден број избрани сектори, додека во областите каде тоа на Унгарија ѝ оди во прилог, како автомобилската индустрија, работењето на германските гиганти се одвива непречено.

Сепак, стратегијата на владата во Будимпешта не помина незабележано во ЕУ.

„Сè додека Орбан упорно ги напаѓа странските компании, парите од европските фондови нема да течат во Унгарија“, ја цитира Шпигл шефицата на комитетот за буџетска контрола на Европскиот парламент и Германка Моника Холмаер, претходно потсетувајќи дека ЕУ во моментов ѝ го блокира на Унгарија пристапот до фондот за опоравување од пандемијата во вредност од 5,8 милијарди евра, а дека би можела да ѝ замрзне и 7,5 милијарди структурна помош поради унгарската пракса на бирање на изведувачите на јавните работи.

„Неизвесно е кој ќе победи. Новата анти-Орбан алијанса во европската политика или фаворизираните бизнис здруженија“, оценува Шпигл.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ