петок, 18 октомври 2024

Шпанскиот премиер до ЕУ лидерите: Стишете ги воените тапани

Стишете ги воените тапани и бојните повици, им порача на европските лидери шпанскиот премиер Педро Санчез, по Самитот на Европската Унија во Брисел.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Санчез, пишува шпански Паис, пред самитот зборуваше за потребата од јакнење на европските капацитети за одвраќање, но на своите колеги кои се географски најблиску до Русија, и на францускиот претседател Емануел Макрон кој деновиве повикува на испраќање западни трупи во Украина, им порача да ги „стишат своите воени тонови“ бидејќи не треба да се вознемирува населението, а реториката би требало да биде умерена бидејќи „не може да се каже дека ЕУ се соочува со потенцијално воено сценарио“.

„Одвраќањето игра многу важна улога. Не можеме безгрижно да зборуваме за трета светска војна ниту да испраќаме сигнали кои ги загрижуваат граѓаните“, кажа премиерот на Шпанија, истакнувајќи дека неговата земја продолжува да ја поддржува не само Украина, туку и идејата за јакнење на европската одбранбена индустрија.

Сепак, тој јасно се спротивстави на воената реторика која ЕУ ја користи во односот кон Русија.

„Шпанија и нејзината влада не учествуваат во вербалната ескалација на тензиите и тоа го пренесов на остатокот на Советот“, порача Санчез.

Шпанскиот премиер стравува дека таквата реторика на европските лидери би можела да послужи како изговор за некои земји да ги променат приоритетните насоки на европските текови на парите.

Поради тоа Санчез категорично ја отфрли идејата за воена економија која ја предложи претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел.

Станува збор за концепт кој личи на Втората светска војна, кога сите фабрики кои произведувале апарати за домаќинството или автомобили се фокусирале на производство на оружје.

Истовремено, извори блиски до шпанската влада објасниле дека Шпанија е една од земјите кои во последните години најмногу ги зголемила трошоците за одбраната, иако и понатаму не достигнува два отсто од БДП.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ