Со законот се укинува „кривичната, административната и финансиската“ одговорност за лицата кои учествувале во промоцијата, подготовката и организирањето на референдумот од јануари 2012 до ноември 2023 година. Шпанскиот социјалистички премиер Педро Санчез на крајот на минатата година доби нов четиригодишен мандат бидејќи неговата малцинска влада ја поддржаа каталонските сепаратистички партии во замена за законот.
Санчез минатата недела изјави дека законот е важен за „помирување“ и „соживот“. Десничарските партии, кои гласаа против, го обвинија премиерот за „предавство“. Минатата недела илјадници демонстранти излегоа на улиците на Мадрид да протестираат против Санчез и веруваат дека амнестијата ќе ги поттикне поддржувачите на независноста да направат уште еден обид за отцепување.
Законот би можел да стапи на сила на крајот на мај по расправата во Сенатот, горниот дом на парламентот, каде седат претставници на регионите, со што може само да се забави, но не и да се собори.
Во Каталонија, автономна покраина со 7,5 милиони жители на северот на Шпанија, на 12 мај се одржуваат вонредни избори.
Доколку дотогаш стапи во сила законот за амнестија, на изборите би можел да учествува и поранешниот каталонски премиер Карлес Пучдемон, кој е во егзил во Белгија.
Пуџдемон ја прогласи Република Каталонија пред шест и пол години, врз основа на забранет референдум, но ова прогласување не беше спроведено односно признаено. Неговите соработници претходно овој месец објавија дека тој има намера да се врати во Каталонија во јуни, кога треба да биде укинат налогот за негово апсење од судот во Мадрид.
„Ова не е крај. Нашата цел е независност на нашата земја Каталонија“, изјави на каталонски Миријам Ногуерас, претставничка на партијата „Заедно за Каталонија“, на која ѝ припаѓа Пуџдемон.