вторник, 11 февруари 2025
Љубомир Николовски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Шоутајм Лука  –  холивудска драма зад затворени врати

Навидум трансфер на кошаркар од еден тим во друг. Добро, не обичен трансфер со оглед на тоа дека се работи за талент кој се појавува еднаш во десетина години. Талент што уште од првиот натпревар предизвика вистински земјотрес во лигата, но сепак трансфер какви што имало и порано, на пр. Шекил О‘Нил од Орландо во Лејкерси, или Карим Абдул-Џабар од Милвоки во Лејкерси, или Леброн Џејмс од Кливленд во... повторно во Лејкерси. Но овој трансфер е само наизглед е сличен на претходиве. Овој е катаклизмичен во секој поглед.

И вашиот колумнист, како и повеќето новинари кои ги следат случувањата во и околу НБА лигата беше затекнат со една ваква размена. Секако, уште од објавувањето беше јасно дека тука нешто не штима, дека ова не е и не може да биде размена на кошаркари во која двата тима се обидуваат да го засилат играчкиот состав во пресрет на втората половина од сезоната и евентуално Плеј офот, или пак за идните сезони… Тасот на вагата е целосно на едната страна. Нема никаков баланс. Добро, Ентони Дејвис е без сомневање врвен кошаркар и еден од најдобрите играчи во последните 10 години. Но, Лука Дончиќ е нешто посебно. Лука е редовен Ол стар од моментот кога влезе во лигата, постојано најдобар или меѓу најдобрите 2-3 поентери во лигата, сигурен член на најдобрата НБА петорка и редовен кандидат за МВП на сезоната, еден од најатрактивните, ако не и најатрактивниот играч во лигата кој ги полни трибините во секоја арена во која ќе се појави и кој лани го одведе Далас до финалето на НБА. И сето тоа со своите само 25 години.

Секако, требаше да се остави некое време за лигата, новинарите и сите вклучени во овој НБА бизнис да се освестат од шокот, работите да станат појасни, да се избегнат сите „теории на завера“ кои веднаш по трансферот почнаа да навираат и да се поврзат сите аспекти и ефекти од овој неверојатен трансфер.

Која е официјалната верзија на Далас Маверикс за трансферот на Лука Дочиќ во Лејкерси: Лука не игра одбрана, а одбраната носи титули!? Неофицијално, но се спомна и тоа дека подолго време не е физички фит, дека не работи да го подобри тој аспект на неговата кариера и дека е склон кон повреди. А, на тоа се „налепија“ и теории според кои Лука е сериозно повреден и дека никогаш нема да може да игра како досега, дека е заситен од кошарка, дека парите го смениле и повеќе не „гризе“ на теренот, дека повеќе мисли на маркетинг отколку на игра, дека викањето кон судиите при секој напад го руши имиџот на клубот…

Но, овие „теории на заговор“ и официјалното објаснување се толку тенки, што предизвикаа потсмев како кај играчите и фановите, така и кај газдите на тимовите и НБА менаџерите. Зошто? Па, секој што го гледал ланскиот пат на Далас до НБА финалето виде дека Дончиќ игра сѐ, и напред и назад. Доволно е само да се „ѕирне“ во неговата статистика: во напад 29,2 п. и 5,6  ас. во одбрана 8,8 ск и 2,6 освоени топки и притоа просек од скоро 39 минути минати на теренот. Не бил физички фит? Или што би рекол саркастично еден од најценетите НБА аналитичари Стивен А. Смит, „а што ќе се случеше ако беше физички фит?“

Што се однесува до повредите, еве и една мала споредба на играчите што се разменуваат: Ентони Дејвис има 232 натпревари пропуштени поради повреди, од кои 104 вкупно, или во просек 34, во секоја од последните три години. Притоа, оваа сезона ќе ја заврши со наполнети 32 години. Лука во своите 7 НБА сезони пропуштил 91 натпревар или во просек 13 по сезона. Крајот на оваа сезона ќе го дочека со полни 26 години, 6 помалку од Дејвис… А последната вест од тимот на Маверикс вели дека Дејвис на своето деби за овој клуб претрпел повреда што го одвојува од терените на неодреден период! Толку од склоност кон повреди како причина за трансферот! И тука некаде завршуваат сите „адути“ на официјалната приказна на Далас дека ќе бидат подобар дефанзивен тим со здрави играчи што ќе оди по титулата оваа сезона.

По нешто повеќе од една недела од размената полека почнаа да се отвораат картите и да се појавува вистинската идеjа и величина на овој трансфер, според сите аспекти досега најголемиот и најзначајниот во историјата на лигата. Притоа, постојат повеќе веродостојни аспекти засновани на непобитни факти и речиси сите водат до мозаик кој веројатно ќе ја преобликува НБА лигата во следните неколку сезони. Нико Херисон, генералниот менаџер и претседател за кошаркарски операции на Далас Маверикс е човекот кој ја презема одговорноста за овој трансфер и иднината на клубот вреден милијарди долари. Тоа е истиот ГМ кој, со цел да му овозможи целосна поддршка на Лука Дончиќ во походот кон шампионска титула, направи шаховско прецизни стратешки потези како доведувањето на Пи Џеј Вашингтон, Даниел Гафорд, Клеј Томсон и како врв на аквизициите – Кајри Ирвинг. Едноставно состави тим околу Дончиќ кој без сомневање, можеби дури и оваа сезона, ќе дојдеше до шампионскиот трофеј. Патем, Херисон има длабоко познавање за маркетирање на големи ѕвезди и како од тоа да се направи имиџ и финансиски капитал. Тој беше регионален маркетинг агент на Најк за Тексас и како таков потпиша спонзорски договори со ѕвезди како Тим Данкан и Дирк Новицки. Тие договори го промовираа и во национален маркетинг агент што го одведе до соработка со Мајкл Џордан и Коби Брајант. Значи, за него Лука Дончиќ од маркетинг аспект секако претставувал „златна кокошка“ во тимот. А сепак се решава за трампа!? Дури и објаснувањето како дошол до таква идеја е повеќе од смешно: во разговор со неговиот пријател и ГМ на Лејкерси Роб Пелинка бил запрашан дали некогаш би го трејдувал Лука и од тука натаму им требало 3-4 недели за да ја дефинираат оваа размена. Секој генерален менаџер во НБА во една ваква ситуација, кога би ставил така голема ѕвезда на трејдинг листа, тоа би го објавил јавно и би ги разгледал сите можни понуди кои би дошле до него. А за Лука не постои клуб во лигата кој не би се откажал и од најдобрите играчи за да го доведе кај себе. И не само најдобрите играчи, туку и повеќекратни пикови на НБА драфтот, а на крајот и кеш! Ако можеше на пример Минесота да даде 5 играчи, меѓу кои и Мајк Бисли и Пет Беверли и уште 5 драфт пика на Јута за Руди Гобер, колку можеше Далас да очекува за Лука Дончиќ? Или ако се вратиме малку подоцна, во 2004-та, кога Мајами Хит за тогаш 32-годишниот Шекил О‘Нил се откажа од услугите на тројца кошаркари од првата постава: Брајан Грент, Ламар Одом и Карон Батлер, плус избор во првата рунда од драфтот. Или, токму трансферот на Ентони Дејвис за кого Лејкерси во Њу Орлеанс испратија три големи талента, Лонзо Бол, Брендон Инграм и Џош Харт и уште 4 драфт пика…

Јасно е дека на Херисон му било наложено да го реализира овој трансфер и дека тој е само ликот што тоа треба да го објави, како што исто така е јасно дека овој трансфер бил договаран во максимална дискреција меѓу луѓе кои во него гледаат различни, но исклучително големи лукративни интереси за наредниот период. Трансферот на Лука Дончиќ во Лејкерси е многу повеќе од кошарка, многу повеќе од спорт. Окулу овој трансфер се вртат милијарди, а во центарот на сето тоа е словенечкиот кошаркар.

Интересите пред сѐ, поѓаат од новите газди, семејството Аделсон, едно од најбогатите во САД. Нивното богатство се проценува на 34 милијарди долари кои ги доведоа до 44-то место на листата најбогати луѓе во светот, а Миријам Аделсон како 5-та на листата најбогати жени во светот.

Нивната „Las Vegas Sands“ корпорација е сопственик на еден од најлуксузните хотели во градот, „The Venetian”, како и 5 хотели/казина во Макао, единствениот дел од Кина каде што коцкањето и казината се легални. Само од хотелот во Вегас, корпорацијата оствари 444 милиони долари профит во 2024. „Sands Macao” пак, ланската година ја заврши со профит од 2,33 милијарди долари. Миријам Аделсон, која фигурира како газда на Далас, го откупи мнозинскиот удел од 73% од Марк Кјубан за речиси 4 милијарди долари. Пред 24 години тој го купи клубот од Рос Перо, поранешен кандидат на републиканците за претседател на САД, за 285 милиони долари или за вредност од само 7% од сумата за која сега го продаде мнозинскиот удел.

Запрашан зошто продаде го мнозински удел во клубот, Кјубан изјави дека решил да стане партнер со Миријам Аделсон затоа што Аделсонови не се разбираат многу во спортскиот бизнис, а тој не се разбира многу во казина и хотели. Од одговорот е многу јасно дека нивното партнерство е многу поголемо од само Далас Маверикс и дека ќе се прошири и на основниот бизнис на Аделсонови. А, по купувањето на клубот Мирјам Аделсон веднаш го постави својот зет, Патрик Думонт за клупски управител. Деновиве тој за прв пат се огласи во јавноста во врска со трансферот на Дончиќ изјавувајќи дека сите големи ѕвезди работеле повеќе од напорно да ја достигнат својата играчка величина и да станат шампиони и ако немате таков карактер, не треба да сте дел од иднината на клуб како Далас. Изјава која од една страна го „црта“ Дончиќ како несериозен во поглед на својот ангажман во клубот, а од друга, потврдува дека сепак одлуката за неговиот трансфер била дело на семејството Аделсон, а Херисон бил само извршител. Аделсонови со години се обидуваат својот основен бизнис, казината, да го прошират во Тексас како една од најголемите и најбогатите американски држави. Но, законите на Тексас тоа не го дозволуваат. Купувањето на Далас Маверикс е обид преку таа спортска „врата“ да извршат притисок врз јавноста и врз законодавците во државата. Планот, кој Миријам Аделсон не го крие и го бара од Тексас, е дозвола за изградба на нова ултра луксузна арена со хотел и казино во истиот комплекс. Но, засега тоа не ѝ поаѓа од рака. Трансферот на Лука Дончиќ е еден вид опомена за властите во Тексас. Вакви потези се видени и во другите професионални лиги во САД. На сличен начин Оукленд  ги загуби Рајдерси од НФЛ лигата кои веќе се преселни во Вегас, а за 2028-ма одобрена е преселбата и на клубот од МЛБ лигата, Оукленд Атлетикс, повторно во Вегас. Властите во Оукленд никако не можеа да најдат инвеститори за нов фудбалски и нов бејзбол стадион и газдите ги преселија тимовите таму каде што тоа им е овозможено. Трансферот на Лука Дочиќ е повеќе од веројатно увод во слична акција. Со неговото заминување, веќе е најавен бојкот на натпреварите од најверните навивачи на клубот. Ако падне интересот на навивачите, паѓа и прифитот, а со него и интересот на газдите и на НБА лигата за градот домаќин. Тоа веќе го видовме со Њу Џерси, сега Бруклин Нетс.

Од друга страна, секоја релокација на НБА тим мора да биде одобрена од НБА. Поради тоа целата трансакција со Лука Дончиќ едноставно морала да помине и низ кабинетот на Адам Силвер, а нему таа му е најдобродојдена во моментот кога НБА лигата има најмала гледаност во последните 10-тина години. Во новиот договор за лиценцни права за емитување на НБА натпревари со ТНТ и ЕСПН, вреден 24 милијарди долари за 9 години, постои и клаузула според која тој износ на средства нема да се исплати доколку интересот за лигата падне за одреден процент. Според тоа, комесарот на НБА Адам Силвер секако бил животно заинтересиран за некаков спектакуларен настан кој драстично ќе го промени тековниот интерес за НБА и натпреварите од продолжението на првенството. А што би било поспектакуларно од еден ваков историски трансфер? По објавата на трансферот, НБА повторно влезе во центар на интересот на љубителите на спортот, и не само во САД. Гледачите со нетрпение го очекуваат првото појавување на Дончиќ во дресот на Лејкерси. Веќе излегоа проценки дека, без оглед на противникот,  тоа ќе биде еден од најгледаните натпревари во овој век. Притоа, со Дончиќ како лејкер, повторно се враќа ривалството меѓу Лос Анѓелес и Бостон од златната ера на НБА. Адам Силвер веќе трие раце.

Значи, газдите имаат план, НБА е согласна, Лејкерси среќни, добија лидер за наредни 10 години, а најсреќен кај Лејкерси, верувале или не, е ЛеБрон Џејмс! Зошто? Поради две причини: прво, по изјавата на Ентони Дејвис дека на ЛеБрон му требале 7 години повеќе од Џордан да го сруши неговиот рекорд по број на натпревари со постигнати преку 30 поени, проработи огромната суета на Џејмс и веќе не му беше толку мило да игра во ист тим со него, и второ, самиот ЛеБрон во едно интервју во 2023-та изјави дека негов сон по повлекувањето од активно играње е да биде сопственик на НБА клуб чие седиште ќе биде… каде? Па во Лас Вегас, разбира се! Зарем има некој што верува дека ЛеБрон Џејмс не бил информиран за размената на векот? Зарем има и најмала шанса Дончиќ да премине во Лејкерси без одобрение на ЛеБрон? Истиот ЛеБрон кој го смени претходниот тренер со неговиот поткаст пријател и тренер дебитант Џеј Џеј Редик и чиј син доби договор од еден од најпрестижните спортски клубови во светот и покрај неговиот скромен талент. А за да се согласи, белким треба и тој самиот да има некаков удел во целата трансакција. И полека кругот се затвора. Сите делови од трансфер мозаикот говорат во прилог на ваква разврска на трампата Дончиќ – Дејвис.

Целата операција нема допирни точки со „одбраната освојува титули“, ниту со „визијата“ за Далас на Нико Херисон, ниту со склоност кон повреди , ниту со прекумерна тежина… од овој аспект, сите тие изговори се немушти, дури смешни. Трансферот на Лука е калкулиран бизнис потег со цел да се максимизира профитот на газдите на клубот и на НБА и попат да се оствари и политичко влијание во една од најбогатите држави во САД. Или Тексас ќе се отвори за бизнисот со казина, или полека може да се збогува со својот НБА тим кој ќе стане Лас Вегас Маверикс. Во секој случај газдите добиваат, или казина во Тексас или НБА клуб во Вегас, нивниот матичен град. Со евентуална преселба во Лас Вегас на градот ќе му донесат повеќе туристи, повеќе спонзорства, повеќе бизнис зделки, а со тоа и политичкото влијание на семејството Аделсон ќе се максимизира. Ако пак останат во Далас и добијат дозвола за казино, повторно важи горенаведеното.

Клучот за сето ова е Лука Дончиќ. Единствениот кој до последен момент не знаеше ништо и кој само неколку дена претходно вложи 15 милиони долари во нова куќа во Далас. Но, тоа е само ситно во однос на загубата на новиот супермакс договор што го очекуваше од Далас ова лето во износ од 345 милиони долари. Таква сума можеше да добие само со продолжување на верноста кон својот матичен клуб. Сега, од Лејкерси може да смета на максимален договор кој ќе биде за 125 милиони долари помал. Но, Лос Анѓелес е маркетиншки најбогатиот пазар во САД и Лејкерси, Најк и другите спонзори секако ќе најдат начин да му надоместат, a Лука, како врвен бренд, секако ќе дојде до милионите кои потенцијално му припаѓаат.

Главни губитници се сепак навивачите. Нивниот миленик и главната причина за посета на натпреварите веќе нема да настапува за нивниот тим, а догледно, може да останат и без НБА кошарка во живо.

Сѐ ова погорe е веќе јавна тајна во САД и НБА лигата. Фактите врзани за овој трансфер водат до јасни заклучоци кои и за Вашиот колумнист се повеќе од реално објаснување за тоа што се случи во НБА на почетокот на месецот. Парите, моќта и политиката уште еднаш се покажаа како движечка сила и лајтмотив во светот на спортот, а спортистите и навивачите се само влог со кој се влегува во играта.

Љубомир Николовски  

КОЛУМНИ

Александар Донски

Струмичанец бил патријарх на Ерусалим во 12 век

Кристина Пота Радуловиќ

Да се види очигледното или зошто е важно да го прифатиме...

Ордан Андреевски

Зошто австралиската надворешна политика кон Македонија треба да се ресетира?

Александар Стојановски

Деновите на Зеленски изброени

Ристо Цицонков

Годишниот состанок на Светскиот економски форум во Давос: Ништо ново!

Марјан Бојаџиев

Дали ако е лошо времето ќе го бојкотираме УХМР? (2)

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ