Програмата на симпозиумот, велат, се фокусира на најновите достигнувања во нехируршките естетски третмани, нови техники во примената на инјекциски терапии и материјали, како и напредни методи во ласерските и енергетски базираните процедури.
Од здружението најавуваат дека ќе се дискутираат и прашања поврзани со стандардите за безбедност и квалитет во естетската медицина, како и со регулаторните аспекти кои ја засегаат оваа област. Водечки експерти од земјава и надвор од неа ќе одржат предавања и ќе споделат најнови научни сознанија и искуства. Дополнително, ќе се одржат и специјализирани работилници на кои учесниците ќе имаат можност практично да се запознаат со новите техники и процедури.
„Ваквиот начин на споделување на знаење и искуства на професионалците во делот на естетската медицина во земјата и регионот, е од исклучително значење за развојот и унапредувањето на оваа медицинска гранка, која е во подем и е релативно нова. Особено е важна нејзината етичка примена, а повеќе од тоа е важна нејзината стручна апликација. Во тој правец Министерството за здравтсво е особено заинтересирано за понатамошна соработка во сите сегменти“, истакнал заменик-министерот за здравство, Јовица Андовски на отварањето на симпозиумот.
Претседателот на Здружението за естетска медицина, Игор Пеев, виш научен соработник, истакнал дека симпозиумот е исклучителна можност за професионален развој и размена на знаење меѓу експертите во естетската медицина.
„Нашата цел е да обезбедиме платформа за најновите научни и практични достигнувања, кои ќе помогнат во подигнување на стандардите во областа и подобрување на квалитетот на третманите за пациентите“, изјавил тој.
Покрај стручната едукација, Здружението за естетска медицина (ЗЕМ), заедно со Здружението на дерматовенеролози на Македонија и Македонската асоцијација на пластични, реконструктивни и естетски хирурзи, поднесува иницијатива за измена и дополнување на Законот за здравствена дејност. Иницијативата, доставена до Министерството за здравство и Комисијата за здравство при Собранието на Македонија, има за цел да ограничи можноста за извршување на естетски медицински интервенции од лица без медицинска квалификација. Ова ќе доведе до повисоки стандарди за безбедност и квалитет во областа, заштитувајќи ги пациентите од несоодветно изведени процедури.
Дополнително, со иницијативата се предлага и измена на Законот за јавно здравје, со цел да се надмине неговата застареност и недореченост. Посебно се нагласува потребата за ревизија на член 33, кој моментално ги изедначува медицинските естетски интервенции со немедицински процедури, како тетоважи и пирсинг. Оваа правна недореченост овозможува несоодветна примена на законот и го загрозува здравјето на пациентите.