Време е Израел „цврсто да се обврзе“ на непречен пристап на хуманитарна помош на Појасот Газа, кажа Гутереш, истовремено повикувајќи на моментален хуманитарен прекин на огнот и на ослободување на израелските заложници кои се држат во Газа. ОН ќе ја продолжи соработката со Египет на „насочување на протокот на помошта“ во Газа, кажа тој на граничниот премин Рафа, влезната точка за хуманитарната помош.
„Од тука од овој преми можеме да видиме бездушност која го крши срцето. Долгата колона блокирани камиони со хуманитарна помош од една страна, а од другата страна долгата сенка на гладот. Тоа е повеќе од трагично. Тоа е морален срам“, кажа Гутереш.
Посетата на Гутереш доаѓа во момент кога Израел се соочува со глобален притисок кој треба да го натера да дозволи поминување на поголемо количество хуманитарна помош во Газа, опустошена и разурната од петмесечната војна.
Израел вети дека ќе го уништи Хамас и поради тоа што верува дека палестинската милитантна група ќе ја пренасочи помошта кон своите борци ги држи затворени сите копнени премини во енклавата освен еден.
На крајот на декември го отвори само преминот Керем Шалом во близина на Рафа и ги негира обвинувањата на Египет и хуманитарните агенции на ОН за тоа дека го блокира доставувањето на хуманитарната помош.
Според податоците на локалните власти во израелската војна во Газа досега се убиени над 32.000 луѓе, а меѓу нив речиси половина се жени и деца. Израел ја нападна Газа по упадот на Хамас на израелска територија во кој беа убиени околу 1.200 луѓе.