Во исто време, емисиите на стакленички гасови соборуваат нови рекорди и дополнително предизвикуваат климатски промени, предупреди ВМО. „Климатските промени ни се случуваат пред очи речиси секој ден во форма на зголемена фреквенција и посилни влијанија на екстремните временски настани“, рече генералната секретарка на организацијата Андреа Селесте Сауло.
„Оваа година бевме сведоци на рекордни дождови и поплави и трагични загуби на животи во многу земји што ги кршеа срцата на заедниците на сите континенти. Тропските циклони предизвикаа огромна човечка и економска штета, најновата во францускиот прекуморски департман Мајот на Индискиот Океан“, изјави Аргентинката.
„Интензивните горештини изгореа десетици земји, а температурите многупати достигнаа до 50 степени Целзиусови. Шумските пожари создадоа пустош“, продолжи таа.
Со Парискиот климатски договор од 2015 година, земјите од светот се обврзаа да го ограничат глобалното затоплување на два степени над прединдустриските температури, а по можност на 1,5.
Во ноември, ВМО објави дека во периодот од јануари до септември, просечната температура на воздухот била за 1,54 степени повисока од периодот помеѓу 1850 и 1900 година. Ова значи дека 2024 година е на пат да го собори неславниот рекорд поставен во 2023 година.
Минатата година температурите беа за 1,45 степени повисоки отколку во прединдустриската ера, време кога човештвото не користеше огромни количини на фосилни горива. ВМО ќе го објави конечниот извештај за глобалните температури за оваа година во јануари, а извештајот за состојбата на глобалната клима во март.
Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш во своето новогодишно обраќање се осврна на климатската криза во последните десет години. „Денес можам официјално да известам дека издржавме една деценија на смртоносна топлина. Десетте најтопли години некогаш забележани се случија во изминатите десет години, вклучувајќи ја и 2024 година“, предупреди тој.
„Тоа е распад на климата во реално време. Мораме да го напуштиме тој пат кон пропаста. Немаме време за губење“, заклучи тој.