„НАТО ќе продолжи целосно да ја поддржува нормализацијата на односите на Белград и Приштина, на чело со ЕУ. Тоа е единствениот начин да се решат нерешените прашања и да се обезбеди стабилна иднина и да се заштитат сите заедници. За да се придвижи овој дијалог напред, двете страни треба да покажат флексибилност, да ги направат соодветните компромиси и да се фокусираат на долгорочната корист“, кажа Руте на заедничката конференција со косовската претседателка Вјоса Османи.
Руте додаде дека „целосно разбира дека тоа бара тешки одлуки, но мора да се гледа широката слика“.
„Нормализацијата носи поголема стабилност, повеќе можности за инвестиции, а последично и долгорочна безбедност за целиот регион во корист на сите. Ова е пораката која ќе продолжам да ја повторувам“, кажа Руте.
Додаде дека НАТО е спремно да одговори на секој безбедносен развој.
„Во таа смисла, се надеваме дека ќе видиме уште подлабока соработка на косовските институции и Кфор. НАТО ќе продолжи да ја игра својата улога во својот мандат за безбедноста на сите. Ова го правиме во тесна соработка со косовската полиција, Еулекс и нашите соодветни улоги“, кажа тој.
Генералниот секретар на НАТО оцени дека сите страни треба да изберат дипломатија наместо насилство.
По конференцијата со Османи, Руте го почна состанокот со косовскиот премиер Аљбин Курти.