среда, 4 декември 2024

Шефот на НАТО: Путин мисли дека може да ја скрши украинската и нашата решителност. Но, тој греши

Членките на НАТО мора да ја зголемат воената помош за Украина за да се осигураат дека таа е во силна позиција за преговори со Русија кога и да започнат, изјави генералниот секретар на Алијансата Марк Руте на прес-конференција пред дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Ќе мораме да направиме повеќе, сега е неопходно да се осигураме дека воената помош ќе стигне во Украина бидејќи тоа е клучно, доколку се одлучат на тоа, да можат да влезат во преговори со Русија од силна позиција“, рече Руте.

„Колку е посилна нашата воена помош за Украина, толку посилна ќе биде нејзината позиција во преговорите и толку побрзо ќе ставиме крај на руската агресија, еднаш засекогаш“, додаде Руте.

Тој посочи дека рускиот претседател Владимир Путин не е заинтересиран за мир, дека руската агресија не покажува знаци на попуштање, туку напротив, се засилува. „Путин продолжува да притиска, да освои повеќе украинска територија бидејќи мисли дека на тој начин може да ја скрши украинската и нашата одлучност. Но, тој греши“, рече Руте.

Министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО денеска ќе разговараат со шефот на украинската дипломатија Андриј Сибих, кој ќе ги информира за актуелната состојба на бојното поле.

Руте одби директно да одговори на прашањето за предлогот на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека ќе се согласи на прекин на огнот со Русија доколку НАТО заштити делови од земјата под украинска контрола.

Тој рече дека веќе е одлучено иднината на Украина да е во НАТО, дека овој пат е неповратен, дека приближувањето се случува чекор по чекор, но дека сега е клучно да се обезбеди што е можно поголема воена помош за да може Киев да влезе во преговорите од посилна позиција.

Руте рече дека утре министрите на земјите-членки на НАТО ќе разговараат за честите обиди на Русија и Кина во изминатите неколку години да ги дестабилизираат членките на Алијансата со сајбер напади, дезинформациски кампањи, напади врз енергетската инфраструктура и саботажи.

„Затоа, сојузниците ќе продолжат да бидат обединети и да се спротивстават на овие закани со низа мерки, вклучително и поголема размена на разузнавачки информации и подобра заштита на критичната инфраструктура“, рече тој.

Тој додаде дека војната не смее да заврши со исход што го очекуваат Иран, Кина и Северна Кореја.

Руте рече дека Кина е активна во заобиколувањето на санкциите против Русија и овозможувањето на испорака на производи со двојна употреба и дека заедно со Иран и Северна Кореја е вклучена во војната.

Тој исто така посочи дека сојузниците мора да ги зголемат трошоците за одбраната бидејќи два отсто од БДП не се доволни и дека долгорочно гледано силата на одвраќање во тој случај не би била доволна. Потребно е и зајакнување на одбранбената индустрија.

Руте изрази загриженост поради насилството на грузиските власти врз проевропските демонстранти, кои излегоа на улиците откако проруската грузиска влада објави дека ги прекинува преговорите за приближување со Европската унија.

„Недвосмислено го осудувам насилството врз демонстрантите“, рече Руте.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ