понеделник, 3 февруари 2025

Шефот на американската дипломатија: Во Панамскиот канал мора да се намали кинеското влијание или ќе сноси последици

Американскиот државен секретар Марко Рубио му кажа денес на панамскиот претседател Хозе Раул Мулино дека централноамериканскиот сојузник мора веднаш да го намали кинеското влијание во областа на Панамскиот канал или ќе се соочи со можна одмазда од администрацијата на претседателот Доналд Трамп, пренесува Асошиејтед прес.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Рубио, на својата прва посета на странство како највисок американски дипломат, одржа разговори со Мулино, кој досега одолеваше на притисоците на новата американска власт во врска со управувањето на каналот, кој е од клучна важност за глобалната трговија. Мулино по состанокот им кажа на новинарите дека Рубио не изнел вистинска закана за повторно преземање на каналот или користење сила.

Зборувајќи во име на Трамп, кој побара каналот да се врати под контрола на САД, Рубио му кажал на Мулино дека Трамп прелиминарно заклучил дека кинеското присуство во зоната на каналот го крши договорот врз основа на кој Вашингтон во 1999 година ѝ го предаде управувањето со каналот на Панама. Тој договор предвидува трајно неутрален статус на каналот, кој Рубио подоцна во текот на денот требаше да го посети.

„Државниот секретар Рубио јасно даде до знаење дека моменталната ситуација е неприфатлива и дека, доколку не дојде до итни промени, Соединетите Американски Држави ќе преземат мерки за заштита на своите права според договорот“, се наведува во извештајот од состанокот објавен од Стејт департментот.

Изјавата, пишува АП, е необично остра за дипломатскиот јазик, но во согласност со тонот и пристапот кој Трамп го заговара во надворешната политика. Трамп го засили притисокот врз соседните држави и сојузниците на Вашингтон, вклучувајќи барање за контрола на каналот.

Во напис објавен во петокот во Волстрит џурнал, Рубио напиша дека масовната емиграција, трговијата со дрога и непријателските политики на Куба, Никарагва и Венецуела предизвикале хаос во регионот, додека пристаништата на двата краја на Панамскиот канал се под управа на кинеска компанија, што, според него, го прави каналот ранлив на притисок од Пекинг.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ