сабота, 1 февруари 2025

Шефот на американската дипломатија: Украина не може да се врати на состојбата пред 2014 година

Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека тригодишниот конфликт во Украина мора да заврши со преговори во кои двете страни ќе мора да се согласат на одредени отстапки. Во интервју со новинарката Меган Кели, Рубио истакна дека позицијата на американскиот претседател Доналд Трамп е јасна – војната мора да заврши по дипломатски пат.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Ставот на претседателот е следниот: ова е долготраен конфликт и треба да се заврши. Сега треба да се влезе во какви било преговори. Во тие преговори двете страни од нешто ќе се откажат. Нема да биде тоа лесен процес, но реално, тоа е единствениот начин да се постигне траен мир“, кажа Рубио.

Според него, моменталната ситуација не е одржлива ни за Украина ни за Русија. „Ова е неодржливо дури и за Русија – тие плаќаат огромна цена со економските проблеми, инфлацијата и други предизвици“, кажа Рубио. Додаде дека дури и во американскиот политички спектар расте свеста дека продолжувањето на финансирањето на војната носи само долготраен застој, а Украина сепак постепено ја губи територијата.

„Мислам дека дури и сè поголем број демократи би признале дека тоа што го финансиравме застојот, долготрајниот конфликт, е ситуација во која Украина постепено се уништува и губи сè повеќе територија. Значи, овој конфликт треба да се прекине“, истакна Рубио.

Тој јасно кажа дека тимот на Трамп ја смета руската агресија на Украина за неприфатлива. „(Рускиот претседател Владимир) Путин ја нападна земјата, изврши злосторства, направи ужасни работи. Но, не е реално да се очекува дека Украина ќе успее не само да ја порази Русија, туку и да ја врати состојбата од пред 2014 година, пред Русија да го заземе Крим. Наместо тоа, финансираме долготраен застој кој само го продолжува мачењето на луѓето“, кажа американскиот државен секретар.

Зборувајќи за спремноста на страните на преговори, Рубио напомена дека постои разлика меѓу она што се кажува јавно и приватните ставови на политичките лидери. „Она што го гледате јавно често е водено од домашната политика и политичките ставови. Дури и Владимир Путин, кој ги контролира медиумите, и понатаму мора да размислува за јавното мислење во Русија и за својот имиџ“, оцени Рубио.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ