Трамп изразува интерес Гренланд, автономна територија на Данска, да стане дел од САД од својот реизбор во ноември. Тој не исклучи користење воена или економска сила за да ја увери Данска да ја предаде територијата.
Рубио истакна дека Трамп сака да го купи Гренланд и не исклучи воен притисок.
„Ова не е шега“, кажа државниот секретар на САД. „Не станува збор за стекнување земја за стекнување земја. Тоа е наш национален интерес и тоа треба да се реши“.
Гренландскиот премиер Муте Егеде, кој ги засили повиците за независност, повеќе пати порача дека островот не е на продажба, и дека неговите граѓани треба да одлучуваат за неговата иднина.
Рубио додаде дека Арктикот ќе стане клучен за пловните патишта и дека САД мора да бидат во состојба да ги одбранат. Предупреди дека американскиот ривал Кина би можела да настојува да го развива своето присуство.
На прашањето дали Гренланд за четири години ќе биде американски, Рубио одговори: „Очигледно е дека тоа е приоритет на претседателот и тој тоа го истакна. Сè уште не сме во позиција да разговараме за тоа како точно тактички ќе настапиме. Она во што можете да бидете уверени е дека за четири години нашиот интерес за Арктикот ќе биде посигурен“.