Астрономите внимателно следат еден астероид долг помеѓу 40 и 90 метри, кој има многу мали шанси да удри во Земјата за помалку од осум години.
И додека откриваат повеќе податоци за траекторијата на астероидот 2024 ИР4, се очекува шансите за удар малку да се зголемат, пред да паднат (се надеваме на нула), вели ловецот на астероиди Дејвид Ранкин за Спејс.
Тој процес почна да се развива откако астероидот првпат беше забележан кон крајот на минатата година на потенцијална патека на судир со Земјата во 2032 година. Извесно време шансите за удар се движеа околу 1%, пред последниве денови ненадејно да скокнат на 2,3%.
„Сè уште очекуваме дека тоа ќе почне да паѓа во одреден момент. Луѓето сè уште апсолутно не треба да се грижат за ова“, вели Ранкин.
While still an extremely low possibility, asteroid 2024 YR4’s impact probability with Earth has increased from about 1% to a 2.3% chance on Dec. 22, 2032. As we observe the asteroid more, the impact probability will become better known. More: https://t.co/VWiASTMBDi pic.twitter.com/Z1mpb4UPaC
— NASA Asteroid Watch (@AsteroidWatch) February 7, 2025
Овие вознемирувачки шанси се најголемите што некој астероид ги имал да удри во Земјата во повеќе од две децении, откако беше откриен злогласниот Апофис, а подоцна беше исклучен како закана. Но астрономите сè уште не се премногу загрижени за ИР4 и инсистираат дека и ние не треба да бидеме загрижени.
Во следните недели, месеци и години, вселенските агенции низ светот планираат да го следат ИР4 за подобро да ја пресметаат траекторијата, која најверојатно ќе биде безопасна. А ако се остварат малите шанси астероидот навистина да претставува закана, можеби е време Земјата да ги спроведе своите стратегии за планетарна одбрана што агенциите како НАСА и Европската вселенска агенција ги подготвуваа со години.
Што е астероидот 2024 ИР4 и зошто научниците му посветуваат внимание?
Астероидот 2024 ИР4 беше забележан кон крајот на минатата година и беше пријавен на 27 декември 2024 година во Центарот за мали планети, официјалниот орган за набљудување и известување за нови астероиди, комети и други мали тела во Сончевиот систем. Објектот го привлече вниманието на НАСА и другите астрономи кога се издигна на Табелата за ризик од удари на американската вселенска агенција, која ги следи сите познати астероиди со и најмала веројатност да удрат во Земјата.
Според првичните проекции, астероидот имаше малку повеќе од 1% шанса да удри на Земјата на 22 декември 2032 година. Астероидот 2024 ИР4 исто така беше оценет со 3 од 10 на Торинската скала на опасности од удар, метод за астрономите да ја категоризираат и да ја оценат заканата од објекти блиски до Земјата.
Меѓународната мрежа за предупредување за астероиди состави и листа на можни локации на ударот, кои се движат од ненаселени или ретко населени области до густо населени области во источниот дел на Тихи Океан, северна Јужна Америка, Атлантски Океан, делови од Африка, Арапско Море и Јужна Азија.
Кои се најновите шанси ИР4 да удри во Земјата?
Како што се вршеа дополнителни набљудувања, ризикот астероидот 2024 ИР4 да удри во Земјата се зголеми. Минатата недела веројатноста за удар изнесуваше 2,3%, според НАСА.
Астероидот ќе продолжи да биде видлив од Земјата до април, давајќи им на астрономите на планетава одредено време да соберат податоци со своите телескопи. Иако астероидот нема да може повторно да се набљудува од Земјата до јуни 2028 година, вселенскиот телескоп Џејмс Веб на НАСА во март ќе може да го проучува од орбитата.
„Како што ќе вршат повеќе набљудувања на орбитата на астероидот, веројатноста за удар ќе станува попозната“, објави НАСА неодамна. „Можно е астероидот 2024 ИР4 да биде исклучен како опасност од удар, како што се случи со многу други објекти.“
Меѓу тие објекти е Апофис, астероидот со големина на брод-крстосувач, првпат откриен во 2004 година.
Оценката на астероидот 2024 ИР4 од 3 на Торинската скала е втора највисока оценка што некој астероид некогаш ја достигнал откако Апофис накратко стигна до рејтинг од 4. Ризикот од удар на Апофис во Земјата за време на неговото прелетување во 2029 година се искачи дури до 2,7% на Табелата за ризик од удари на НАСА.
Во случајот со Апофис, по деталните набљудувања на крај астрономите во 2021 година ја отфрлија можноста од удар кога астероидот ќе прелета блиску до Земјата во 2029 година и повторно во 2036 година.
НАСА и други вселенски агенции градат планетарна одбрана од астероиди
Во наредните години, и НАСА и Европската вселенска агенција планираат да ги искористат предностите на ова ретко прелетување испраќајќи вселенски летала без екипаж да го набљудуваат Апофис.
Тоа е еден од многуте планови што ги имаат агенциите како дел од поголемите напори за изградба на одбрана за заштита на човештвото од заканите што ги претставуваат астероидите и другите вселенски карпи што се движат кон нас.
Во септември 2022 година НАСА покажа дека е можно астероид упатен кон Земјата да се исфрли од неговата патека на движење со удирање вселенско летало во него, во рамките на неговиот Двоен тест за пренасочување астероиди, или ДАРТ.
Лансиран во ноември 2021 година, ДАРТ патуваше повеќе од 10 месеци пред да удри во астероидот Диморфос со брзина од приближно 22.000 километри на час. Иако малиот астероид не претставуваше никаква закана за Земјата, НАСА почна да тестира метод за пренасочување на заканувачките објекти што се упатени кон Земјата.
Во октомври летало од Европската вселенска агенција тргна на пат да ги погледне одблизу остатоците од астероидот.
Освен тоа, НАСА работи на телескоп за лов на астероиди познат како НЕО сурвејор за да бара објекти блиску до Земјата способни да предизвикаат значителна штета. Треба да биде лансиран не порано од јуни 2028 година. Телескопот е дизајниран да открие 90% од астероидите и кометите што се со големина од 140 метри или поголеми и што доаѓаат на педесетина милиони километри од орбитата на Земјата.