Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска ги започна консултациите со граѓанските организации за подготовката на стратешките документи кои се потребни за отворање на првиот Кластер, Патоказите, со цел како што рече вицепремиерот „квалитетно и навремено да одговориме на барањата на ЕУ“.
„За ова придонесот од граѓанскиот сектор е најважен поради знаењето кое го има, долгогодишната експертиза и вештините со кои располагаат во клучните области за Патоказите. Како докажан и кредибилен партнер на Владата во сите досегашни реформски процеси, вградувањето на знаењето, анализите и ставовите на граѓанските организации се исклучително важни во дефинирањето на приоритетите за реформските зафати во секоја од областите кои треба да бидат презентирани во трите Патокази“, посочи Маричиќ на состанокот.
Како што се наведува во соопштението од СЕП, Маричиќ укажа дека вклучувањето на граѓанското општество во процесот на подготовка на патоказите е многу важно, како поради инклузивноста и транспарентноста на водењето на процесот на преговори со ЕУ, така и за процесот на подготовка на овие стратешки документи.
„Со цел инклузивност и транспарентност на процесот, обезбедување квалитетна изработка на патоказите и интегрирање на знаењето и експертизата на граѓанските организации го вклучуваме граѓанското општество, преку серија средби и консултации, со цел да се обезбеди конкретен пишан придонес при изработката на патоказите од страна на институциите“, рече Маричиќ.
На средбата, како што се наведува во соопштението, претставниците на граѓанските организации го поздравија почетокот на консултативниот процес за Патоказите и покажаа интерес за активно вклучување во отворената дискусија со свои видувања, анализа и коментари, кои ќе треба да ги достават и писмено, што ќе биде од витално значење за квалитетот на финалната содржина на овие документи.
Вицепремиерот изрази благодарност за посветеноста и желбата процесот да успее и да помогнат, согласно временски праг кој сами си го поставивме на динамика за остварување на мерките кои ќе ги сочинуваат патоказите, додавајќи дека „граѓанските организации остануваат силен партнер во евроинтегративниот процес и како едни од клучните актери во процесот на демократизација на македонското општество остануваат активни до крај на исполнување на стратешката цел на државата, а тоа е членство во ЕУ“.
На состанокот се обрати и државната секретарка на Секретаријатот за европски прашања, Дрита Абдиу Халили, која подетално ги информираше и ги објасни чекорите кои треба да се преземат следниот период, а државните советници, Драган Тилев и Селвет Барути, и раководилелката на Секторот интеграции, Христина Конеска-Бероска, ја презентираа структурата која Патоказите која да ја следат и формата во која се очекува придонесот од граѓанските организации, во оваа фаза од подготовката на овие документи.
Секретаријатот за европски прашања најави дека средбите со граѓанските организации ќе продолжат во фазите кои ќе следат, а со цел на крајот да се обезбедат патокази кои ќе бидат одраз на напорите на сите општествени чинители за реформи на политиките и институциите, за Македонија да биде подготвена за полноправно членство во ЕУ до 2030 година.
Маричиќ претходно во објава на фејсбук наведе дека придонесот од граѓанскиот сектор е најважен поради знаењето кое го има, долгогодишната експертиза и вештините со кои располагаат во клучните областите за Патоказите.
„Реформските процеси низ кои поминуваме на патот кон интеграција во Европската Унија бараат стимулативна средина за дејствување и целосно вклучување на граѓанското општество во креирањето на јавните политики. Граѓанските организации остануваат силен партнер во евроинтегративниот процес и како едни од клучните актери во процесот на демократизација на македонското општество остануваат активни до крај на исполнување на стратешката цел на државата, а тоа е членство во ЕУ,“ пишува Маричиќ.