Богати се со витамини и растителни соединенија
Цитрусите се одличен извор на витамин Ц, кој го зајакнува имунолошкиот систем и ја одржува еластичноста на кожата. Само еден просечен портокал ја содржи дневната препорачана количина на витамин Ц. Освен витамин Ц, агрумите содржат и витамини од групата Б, калиум, фосфор, магнезиум и бакар, кои се неопходни за правилно функционирање на организмот. Богати се и со растителни соединенија со антивоспалителни и антиоксидантни својства, пренесува Хелтлајн.
Добар извор се на растителни влакна
Цитрусното овошје е богато со растителни влакна. Влакната го подобруваат варењето и помагаат во контролата на телесната тежина. Тие се особено богати со растворливи влакна, кои помагаат да се намали нивото на холестерол.
Тие не се калорични
Ако внимавате на внесот на калории, цитрусното овошје е одличен избор. Содржат малку калории, но поради високата содржина на вода и растителни влакна, обезбедуваат долготрајно чувство на ситост. Истражувањата покажаа дека консумирањето цитрусно овошје може да помогне во регулирањето на телесната тежина.
Го намалуваат ризикот од камења во бубрезите
Ниското ниво на цитрат во урината може да го зголеми ризикот од камења во бубрезите. Цитрусното овошје го зголемува нивото на цитрати, намалувајќи ја веројатноста за нивно формирање. Пиењето сок од цитрус може да биде природна алтернатива на додатоците на калиум цитрат.
Помагаат во заштитата од рак
Истражувањата ја поврзаа потрошувачката на цитрусно овошје со помал ризик од одредени видови на рак, вклучително и рак на белите дробови, хранопроводникот, желудникот, дојката и панкреасот. Нивните флавоноиди делуваат како антиоксиданти и можат да го спречат развојот на канцерогените клетки.
Го штитат здравјето на срцето
Истражувањата покажуваат дека редовното консумирање на цитрусно овошје го намалува ризикот од срцеви заболувања и мозочен удар. Нивните флавоноиди го подобруваат нивото на холестерол и го намалуваат крвниот притисок.
Го заштитуваат мозокот
Флавоноидите од цитрусното овошје може да го намалат ризикот од невродегенеративни болести, како што се Алцхајмерова и Паркинсонова болест. Нивните антиинфламаторни својства помагаат во заштитата на нервните клетки и подобрување на функцијата на мозокот.