Во изјава за медиумите, амбасадорот Рокас истакна дека Преспанскиот регион е од витално значење, и не само во Република Македонија, туку и за цела Европа.
„Главниот настан ќе се случи утре, кога заедно со градоначалникот и владините челници ќе го поставиме камен темелникот на граничниот премин Маркова Нога и тој чин означува нова ера. Овој регион е од витално значење и не само во Република Северна Македонија туку и за цела Европа и затоа ние заеднички треба да направиме сè за да го зачуваме Преспанскиот регион. Сите проекти кои сме ги започнале со Општина Ресен се во процес на реализација и во таа смисла искажувам јавна пофалба за градоначалникот, општинскиот совет и сите претходници за тесната и одлична соработка на општинската власт со Европската Унија за реализацијата на сите проекти кои ќе помогнат за зачувувување на Преспанскиот регион и сè со цел да се промовира еко-туризмот, земјоделството, да се врши интензивна културна размена, односно да се прави од луѓето за луѓето во регионов што е поважно од кога било, истакна амбасадорот Рокас.
Освен со градоначалникот Јован Тозиевски, амбасадорот Рокас оствари средба и со општинските советници, кои како што рече амбасадорот Рокас презентирале повеќе иницијативи за развој на Преспа.
„Членовите на општинскиот совет го покренаа прашањето за визијата на Европската унија за Преспанскиот регион и јас сметам дека за Европската Унија е важна визијата на локалното население. За граѓаните што живеат во овој регион и за нас, како Европска Унија е важно да ги преточиме барањата и визијата на граѓаните во дела и активности, а со камен- темелникот всушност се обезбедува почеток на тоа што ќе следи понатаму“, нагласи амбасадорот Рокас.
На попладневната прес – конференција во Општина Ресен, градоначалникот Јован Тозиевски потсети дека локалната самоуправа реализира еден од најголемите европски проекти – „ЕУ за Преспа“.
„Ние имаме еден од најголемите европски проекти што се одвива и се реализира, а тоа е „ЕУ за Преспа“ кој е со буџет од 20 милиони евра и притоа ќе изградиме седум канализациони системи со прочистителни станици. Исто така имаме повици за проекти од културата, земјоделство, животна средина, туризам и други, кои се надевам дека до крајот на годината ќе бидат со успешна реализација. Одржавме одличен работен состанок со амбасадорот Рокас и тоа беше прекрасен вовед пред утрешниот ден, историски момент за нас бидејќи ќе поставиме камен-темелник на познатиот граничен премин Маркова Нога, кој е од исклучителна важност за овој регион. Со овој чин очекуваме најголем економски и туристички бенефит од отворањето на граничниот премин“, посочи градоначалникот Тозиевски.
Од Владата, исто така најавија дека премиерот Христијан Мицкоски утре ќе присуствува на поставување на камен – темелникот на македонско – грчкиот граничен премин Маркова Нога. Поставувањето на камен-темелникот ќе се случи на пладне, во 12 часот.
„Проектот опфаќа изградба на административна зграда за Царинската управа со површина од околу 360 метри квадратни, како и изградба на канцеларија за осигурителна компанија, резервоар за вода, армирано-бетонски пропусти, водоснабдување и канализација, потпорни ѕидови, три новопланирани улични делници и јавни тоалети, а се очекува реализацијата да заврши за 16 месеци. Проектите од програмата „ЕУ за Преспа“ се финансирани од Европската унија и реализирани од УНДП во партнерство со националните и локалните партнери“, се наведува во соопштението на Владата.
Граничниот премин Маркова Нога не е во функција од 1967 година. Реактивирањето на овој граничен премин меѓу Македонија и Грција е една од малкуте обврски за грчката страна од асиметричниот Преспански договор, потпишан во 2018 година. Македонија претходно ги има исполнето сите обврски од овој договор, почнувајќи од промената на името на државата, па до брусење на шахтите со симболи на сонцето од Кутлеш.
Во март 2019 година, тогашниот министер за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров и тогашната алтернативна шефица на грчката дипломатија Сиа Анагностопулу го потпишаа договорот за отворање на граничниот премин во Преспанскиот регион, Маркова нога – Лемос. Кусо време потоа, договорот беше ратификуван и од грчкиот парламент.
Седум години по потпишувањето на Преспанскиот договор и шест години по конкретниот договор за граничниот премин Маркова Нога, утре ќе биде поставен камен-темелникот, а се предвидува да биде целосно завршен за три години.
Ј.П.