сабота, 27 јули 2024
Претседателкски избори 2024

Се пополнува листата на кандидати за претседател

Објавено на

часот

Сподели

На ден пред почетокот на рокот за собирање потписи за претседателски кандидати и за пратеници, во период од еден час најголемите политички партии ги соопштија своите претседателски кандидати, кои треба да добијат поддршка на партиски конвенции на почетокот на март.

Од СДСМ вчера брифираа дека на состанок на раководството е одлучено Стево Пендаровски да биде поддржан за кандидат за претседател на државата. Оваа одлука деновиве ќе се најде пред членовите на Извршниот и Централниот одбор на партијата. Наредните денови се веќе планирани средби со коалициските партнери, а на 3 – ти март ќе биде и официјалната промотивна конвенција.

„Пендаровски е победнички кандидат, со најголем коалициски капацитет, кој заедно со СДСМ и со партиите од прогресивниот, демократски блок, силно ја споделува визија за европска иднина на државата. Тој во досегашниот мандат го врати интегритерот и кредибилитетот на институцијата претседател и покажа што значи да се биде претседател за сите граѓани“, велат од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, соопштија дека професорката и пратеничка Гордана Силјановска-Давкова се пријавила на јавниот оглас на партијата за претседател на државата. За нејзината кандидатура ќе се одлучува од страна на делегатите на Конвенцијата за избор на кандидат за претседател која ќе се одржи на 2 март.

„Во врска со јавниот повик за избор на кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на Република Македонија ја информираме јавноста дека крајниот рок за поднесување на пријава истекува денес. На истиот се пријави проф-др Гордана Силјановска-Давкова која поднесе план, програма за работа и потребен број на потписи на делегати“, се посочува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

За кандидатот на ДУИ во јавноста се уште се типува, иако медиумите јавуваат дека кандидат за претседател на партијата би можело да биде актуелниот шеф на дипломатијата Бујар Османи. Од ДУИ најавија дека денеска Али Ахмети ќе соопшти важна вест. Партиски извори брифираат дека можен кандидат е и Фатмир Дехари, акруелен градоначалник на Кичево. 

Централниот одбор на ГРОМ синоќа поддршка му даде на претседателот на партијата Стевчо Јакимовски.

Претходно, Европскиот сојуз за промени соопшти дека нивен кандидат ќе биде Арбен Таравари, претседател на едното крило на Алијанса за Албанците.

Професорката Билјана Ванковска ќе биде кандидат на партијата Левица за претседателските избори.

Професорката Билјана Ванковска е кандидат за претседател на Левица, а потписи ќе собира и Вело Марковски, кој прв пред повеќе месеци најави кандидатура. Кандидатура за претседател се очекува денеска да објави и партијата ЗНАМ на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски. Неофицијално партиски мкандидати се и Димитриевски и писателот Венко Андоновски.

Рокот за собирање потписи за кандидати за претседател и за кандидати за пратеници започнува во петок на 23 февруари и ќе трае до 8 март, согласно роковниците на Државната изборна комисија (ДИК). Кога подносител на листа на кандидат за претседател е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 10.000 потписи од запишаните избирачи во Избирачкиот список, додека кога подносител на листа на кандидат за претседател се пратеници, потребно е да се соберат најмалку 30 потписи од пратениците.

„Собирањето на потписи се одвива пред сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари, за тоа и кон ова појаснување ќе бидат објавени и адресите на подрачните одделенија на ДИК пред кој се собираат потписите. Постапката почнува на 23 и трае непрекинато секој ден. Подрачните одделенија ќе работат две смени. Наутро од 8 часот до навечер до 20 часот, додека последниот ден на 8 март ќе работат до 24 часот“, информира членот на ДИК Борис Кондарко на седницата пред неколку дена.

Иницијативата за собирање потписи за поддршка на поднесена листа на кандидат за претседател и пратеници, како што рече, се поведува со поднесување на известување и изјава на ДИК од страна на предложениот кандидат односно лицето овластено од негова страна со генерално известување заверено на нотар.

Учесниците на изборите, листите со кандидат/и за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март на полноќ.

Рокот за собирање потписи се однесува и за претседателските и за парламентарните избори. Претседателските избори се закажани за 24 април, додека вториот круг од изборите е на 8 мај кога треба да се одржат и парламентарните избори.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ