„Ќе изнесеме низа на податоци и сомнежи за длабока корупција, сонежи за матни тендери во речиси сите општини предводени од ВМРО-ДПМНЕ. Дури и со пари од унгарскиот кредит. Во фокусот се милионските тендери што завршуваат кај едни исти фирми. Дури и фирми со сомнително минато, кои биле гонети токму за злоупотреби и местење тендери, а кои последно време земаат пари и тоа од унгарскиот кредит.
Дали е тоа поентата на унгарскиот кредит и каде завршуваат овие пари?
Денеска го отвораме првиот скандал поврзан со компанија која верувале или не, работи на педесетина јавни набавки во општини кои ги води ВМРО-ДПМНЕ.
Да биде скандалот поголем, компанијата претходно, во 2020 година е осомничена токму за местење на тендери во јавните набавки. Погодете каде? Во општина Зелениково, предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Станува збор за фирмата Изолација Дамјан Силјановски и др. ДОО Увоз-Извоз Скопје во четири години добила педесетина тендери, вредни 10 милиони евра, речиси сите од општини под контрола на ВМРО-ДПМНЕ.
Само во последните 3 месеци истата фирма добила три тендери со пет договори во различни скопски општини, сите предводени од градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ.
Оваа фирма веќе била гонета за местење тендери во 2020 година кога Управата за финансиска полиција поднела кривична пријава против поранешниот градоначалник на Зелениково и шест други лица.
До денес, таа е омилената фирма на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ која контуниирано со години добива тендери. Само за пример, добила 13 тендери во Општина Гази Баба, 9 во Кавадарци, а во последните месеци ги освојува и тендерите во Бутел, Кисела Вода и Аеродром.
Последните тендери кои ги добила се финансирани од унгарскиот кредит, кој граѓаните ќе го враќаат со високи камати“, изнесе на прес-конференцијата портпаролката на СДСМ, Богданка Кузевска.
Според СДСМ, индикативно е што понудената цена и постигнатата цена се во речиси сите случаи исти, односно нема пад на цените.
„Дали однапред се знаеле условите? Прашуваме: Дали градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ им овозможиле ексклузивен пристап до информациите? Клучно е каде завршуваат парите од унгарскиот кредит? Парите од овој кредит не се бесплатни – тие се враќаат од буџетот, односно од парите на граѓаните и тоа со камата.
Jавноста има право да знае: Дали ова е механизам за финансирање на партиските структури на ВМРО-ДПМНЕ? Дали парите завршуваат директно во ‘белата палата’? Дали граѓаните плаќаат огромни камати за унгарските кредити за власта да си ги дели со коруптивни тендери?
Ова не смее да остане само скандал за кој ќе зборуваме денес. Очекуваме надлежните институции да реагираат веднаш! Очекуваме одговори од градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ. Ова е само почеток – во наредните денови ќе следуваат нови информации и нови скандали“, порачуваат од СДСМ.
Не се чекаше долго за реплика од ВМРО-ДПМНЕ, на дел од прашањата поставени од СДСМ.
„Некој повторно ги мести СДС. Фирмата која ја обвинуваат за тендерска мрежа, добила 45 милиони од Општина Центар. Дали и Герасимовски е ВМРО-ДПМНЕ?
Толку ли немаат во СДС компас каде се наоѓаат и што се случува, па на прес-конференции каде наводно објавуваат скандали на ВМРО-ДПМНЕ вадат фирми кои свртеле милиони во општините водени од градоначалници на СДС.
Знае ли Венко Филипче како го брукаат, и дека со секој поминат ден сè повеќе го спуштаат и онака нискиот рејтинг на неговата партија?
Не нè интересира што прават СДС, тоа си е нивна внатрешна битка, ни заради прецизно информирање, за кратко мораме да ги прекинеме нивните дворски игри во партијата и да ја кажеме реалноста“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.